Пијан малолетник од Скопје украл автомобил, па направил сообраќајка

Малолетник од Скопје си заработи кривична пријава бидејќи предизвикал сообраќајка откако возел во пијана состојба.

МВР соопшти дека на 21 мај околу 22 часот, на улица „Петар Чајковски“, пријавениот М.Д. откако се уверил дека нема да биде забележан од никого, дошол до куќата на оштетениот Д.К., ја истуркал капијата со која бил затворен дворот, влегол по пристапниот пат до гаражата каде било паркирано патничко моторно возило марка „Опел Астра“, ја отворил вратата и со помош на оригинален клуч кој бил оставен во бравата го ставил возилото во движење. По што се упатил кон стадионот Ѓорче Петров каде се сретнал со лицата Б.Д., Б.Б.М. и Д.Г. сите од Скопје и ги повикал да се возат со одземеното моторно возило.

Лицата, според соопштението, се возеле низ населбата Ѓорче Петров и околу 1:30 часот на улица „Лука Геров“, пријавениот учествувал во сообраќајна незгода со патничко моторно возило марка „Волво ВИ – 40“, со скопски регистерски таблички. Во незгодата со тешки телесни повреди се задобило лицето Ж.Ѓ. кое го управувало „волвото“ а со телесни повреди се задобиле и лицата Н.Ј., негов сопатник и лицето Б.Д. сопатник во „Опел Астрта“ управувано од пријавениот. По сообраќајната незгода пријавениот откако од возилото излегле неговите сопатници, повторно го ставил во движење возилото и се упатил кон населбата Кисела Јабука каде што го оставил на улица, а клучот го задржал кај себе. 

Второто кривично дело, како што е наведено во соопштението на МВР, М.Д. го извршил на 22 мај околу 2 часот, во населбата Кисела Јабука во близина на улица „42“, каде откако се уверил дека нема да биде забележан од некого, влегол во дворот на куќа сопственост на Н.Б. ја отворил затворената капија и со намера да го употреби за возење го одземал патничкото моторно возило „Шевролет Калос“, на начин што  ја отворил вратата на возилото. Со употреба на оригиналниот клуч кој бил оставен на бравата, го ставил во движење и незабележан се оддалечил во правец на населба Ѓорче Петров и се возел низ населбата, по што го оставил на една од сообраќајниците, задржувајќи го клучот кај себе.

Според соопштението, третото кривично дело го извршил на 22 мај околу 4 часот, на улица „Антон Чехов“ на ист начин како и во претходните два случаи, влегол во дворот на куќа и одземал моторцикл марка ZONGHEN сопственост на Д.Ѓ. од Скопје, со намера да го употреби за возење. Пријавениот притоа го употребил оригиналниот клуч кој бил оставен во бравата, го истуркал моторциклот на улицата, го ставил во движење и се возел низ населбата Ѓорче Петров и село Кондово, а во моментот кога се возел на улица „Мечкин Камен“ бил приведен од полицијата.

Во просториите на Полициската станица Кисела Вода е направен разговор со пријавениот М.Д. во кој го објаснил извршувањето на кривичните дела. Освен тоа, кај малолетникот било забележано видливо присуство на алкохол, заради што е алкотестиран и констатирано е присуство на алкохол во крвта во висина од 1,09 промили за што е направен записник. Од извршената проверка во крим евиденциите на СВР- Скопје утврдено е дека М.Д. повеќе пати е кривично пријавувано за сторени кривични дела од областа на имотните деликти за што му се изрекувани мерки – засилен надзор од социјален орган.