Штип и Куманово собираат донации за Србија и БиХ

 Општините Штип и Куманово организираат хуманитарни акции за граѓаните на Србија и Босна и Херцеговина, кои ги загубија своите домови во катастрофалните поплави.

Портпаролот на Општина Штип, Драган Ристов вели дека утре во седум часот ќе биде отворен пунктот за собирање на храна, облека, ќебиња, лекови и други добра кои им се потребни на граѓаните на Србија и Босна и Херцеговина. Пунктот ќе биде сместен во зградата на општина Штип, во Салата на Сојузот на борците.

- Ние како град многу добро знаеме колку штета можат да донесат поплавите, се уште го паметиме излевањето на реката Брегалница во февруари 2013 година, кога 30 куќи во штипско Ново село беа поплавени, а граѓаните трпеа големи штети. Затоа и очекуваме штипјани како и минатата година да ја покажат својата хуманост, вели Ристов.

Ристов истакна дека општинската администрација веќе се организира за акцијата, со цел храната, облеката, лековите, ќебињата во текот на наредните денови да пристигнат до граѓаните во поплавените подрачја на Србија и Босна и Херцеговина.

Кумановчани масовно се вклучија на повикот на граѓанската иницијатива „Куманово за Србија и Босна“ која се прошири преку социјалните мрежи, невладините организации и надлежните институции за хуманитарната акција за помош на настаданите во поплавите кои го зафатија регионот.

Жителите на Куманово донираат храна, вода, облека, постелнина, средства за хигиена на собирни пунктови на градскиот плоштад во Куманово и во населбата Карпош и село Љубодраг.

- Огромна благодарност на граѓаните кои масовно се вклучија на граѓанската иницијатива „Куманово за Србија и Босна“. Донации постојано пристигнуваат, граѓаните прашуваат и заинтересирани се да донираат, вели претседателот на координативното тело на граѓанската иницијатива „Куманово за Србија и Босна“, Александар Крстевски,.

Акцијата е координирана од општинската организација на Црвениот крст.

- Граѓаните донираат многу повеќе отколку што првин очекувавме. Донираните средства ќе ги складираме и ќе ги однесеме на собирниот пункт во Скопје, а оттаму заминува како помош и во Србија и во Босна и Херцеговина, информира Иле Митковски, секретарот на општинската организација на Црвениот крст. Донациите продолжуваат и во наредните денови.

18.05.2014 - 13:44
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега