Еве како може да им помогнете на граѓаните погодени од поплавите
Црвениот крст на Македонија ќе испрати екипи и опрема за помош на граѓаните кои беа погодени од поплавите во Србија и во Босна и Херцеговина.
Црвениот крст веќе контактирал со националните друштва на Црвениот крст на двете земји и им понудил помош во гумени чамци, спасители, тим за проценка за хуманитарните потреби на населението и станица за прочистување на вода.
Според досегашните проценки, во моментов населението во поплавените делови на Србија и БиХ има потреба од храна, средства за хигиена, нова облека и обувки, ќебиња, бебешка храна, вода за пиење.
Црвениот крст на Македонија информира дека парична помош може да се уплати на жиро сметка - Фонд на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка. Отворени се и посебни телефонски линии 075/070/077 143 400 на кои граѓаните со секој повик можат да донираат по 100 денари.
Собирен пункт, за хуманитарна помош во Скопје е магацинот на Црвениот крст во Момин Поток, на адреса улица Момин Поток бб, тел. 3096227. На локално ниво помошта може да се донира и во општинските организации на Црвениот крст надвор од Скопје.
Црвениот крст апелира до компаниите и хуманите граѓани да им помогнат на настраданите граѓани од Србија и од БиХ. Хуманитарната акција започнува од денеска и ќе трае до 31 мај. За текот и резултатите од акцијата јавноста ќе биде навремено и соодветно информирана.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа