75 македонски специјалци одат во Србија

 

Одлуката, како што информира портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, е донесена веднаш по добивањето информација од страна на Европската цивилна заштита дека Србија и Босна и Херцеговина побарале да ги известат сите земји-членки дека им е потребна помош.

- По добивањето на информацијата Владата ги анализира можностите кои се во нејзин домен и со кои може да помогне, како и што понудиле другите земји, како помош за овие подрачја. Одлучивме во првата интервентна фаза да бидат испратени 75 лица кои се специјалисти за вакви намени, 45 пумпи за испумпување на вода, 35 агрегати, девет чамци, 3.000 ќебиња и поширока палета на лекови, изјави Ѓорѓиев.

Тој посочи дека понудената помош како информација веќе е доставена до Европската цивилна заштита.

- Во текот на денов очекуваме да добиеме потврда дека тоа се потреби коишто можат да бидат процесуирани и веднаш потоа може да биде испратена помошта и во ресурси и луѓето да заминат во Србија и Босна и Херцеговина и да може да помогнат на тамошните сили и на граѓаните  да се справат со природните непогоди кои ги загрозија овие држави, потенцира Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев потсети дека уште во текот на вчерашниот ден премиерот Никола Груевски ја истакна подготвеноста на Владата на Република Македонија за помош во определени ресурси или потреби за кои ценат Србија и Босна и Херцеговина дека ќе им бидат од корист во функција за надминување на последиците од природната непогода.

До Европската цивилна заштита помош за Србија и Босна и Херцеговина понудиле и Бугарија и Германија. Бугарија предложила како помош да испрати три противпожарни автомобили со водни пумпи, 11 пумпи, два моторни чамци и екипа од 26 специјалисти за поплави. Германија, пак, понудила пумпи со голем капацитет и 18 припадници на цивилната заштита.

16.05.2014 - 18:43
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега