ПССЕ: Изборите слободни и демократски - СДСМ да се врати во Собранието

 

Аспирациите на Македонија за евроатлантска интеграција се можни само со одговорно однесување на сите актери во политичкиот живот.

Ова се наведува во заедничката декларација што на денешната седница на Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур беше усвоена за земјата откако беше разгледан извештајот за претседателските и парламентарните избори во Македонија.

Како што соопшти собраниската прес-служба, во дебатата, во која учествуваа известителот за Македонија Роберт Валтер, претседателот на Мониторинг комитетот Штефан Шенах, шефот на АЛДЕ групата Жорди Ксукла, шефот на групата на Социјалистите Андреас Грос, како и шефот на македонската делегација Александар Николоски, беше заеднички заклучено дека изборите беа слободни и демократски и слободно ја изразија волјата на граѓаните во Македонија.

Во заедничката декларација воедно се искажа загриженост за постапката на СДСМ да не ги прифатат пратеничките мандати и да не го признаат легитимитетот на претседателот Иванов и се осуди бојкотот на ДУИ на претседателските избори.

Беше потенцирано дека на изборите беа испочитувани фундаменталните слободи и кандидатите можеа слободно да водат кампања без опструкции, а граѓаните слободно да ја изразат својата волја. Исто така, се повика доколку има забелешки тие да се разгледаат со соодветните институции.

Се потенцира дека Мониторинг комитетот изразува надеж дека и опозицијата, како и власта, ќе се однесува одговорно кон довербата дадена од граѓаните и целосно ќе го исполни својот мандат преку учество во работата на Собранието.

На седницата беше формирана Постизборна комисија составена од тројката Боб Валтер, известител за Македонија, Штефан Шенах, претседател на Мониторинг комитетот и Андреас Грос, шеф на социјалистичката група, чија цел е да ја посетат Македонија во следните два месеца и да укажат на опозицијата на ставовите на ПС на Советот на Европа и да ги повикаат да се вратат во Собранието и одговорно да се однесуваат.

Од страна на шефот на македонската делегација Александар Николоски, се наведува, сите овие активности беа оценети како добри и корисни, при што потенцира дека Македонија спроведе фер и демократски избори на кои граѓаните слободно ја изразија својата волја и го направија својот избор за пратеници и претседател на Република Македонија.

МИА

16.05.2014 - 15:59
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега