Ивановски ќе учествува на Светскиот ден на телекомуникациите во Женева

 

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска ќе учествува на одбележувањето на Светскиот ден на телекомуникациите и информатичкото општество, што ќе се одржи во Женева. Организатор е Меѓународната телекомуникациска унија (ITU).

Целта на годинашната средба е да се помогне во подигнувањето на свеста дека употребата на интернетот и другите информатички и комуникациски технологии можат да влијаат на развој на економиите и општествата во целина, а ќе се разгледуваат и начините за надминување на дигиталниот јаз.

Оваа година главна тема ќе биде широкопојасниот интернет за одржлив развој. Главен акцент ќе биде ставен на глобалната заложба за постигнување универзален пристап до широкопојасен интернет, како и да се поттикне политичката волја за постигнување на оваа цел. Ќе се разгледуваат и технолошките решенија за пристапот на широкопојасниот интернет во руралните средини, во најмалку развиените земји и малите островски земји во развој.

Министерот Ивановски ќе оствари средби со генералниот секретар на Меѓународната телекомуникациска унија Хамадан Туре и со заменик генералниот секретар Хоулин Жао, искористувајќи ја можноста да ја презентира кандидатурата на Република Македонија за членство во Советот на ITU. Тема на состаноците ќе бидат и заложбите на Република Македонија во воспоставувањето на CERT (National Cyber Emergency Response Team).

Добитници на наградите во рамки на одбележувањето на годишнината на ITU се претседателот на Руанда Пол Кагаме, претседателот на Република Кореја Парк Геун Хју и Карлос Слим.

Светскиот ден на телекомуникациите се прославува секоја година на 17 мај, почнувајќи од 1969 година, по повод одбележувањето на основањето на Меѓународната телекомуникациска унија и потпишувањето на првата Меѓународна телеграфска конвенција во 1865 година

16.05.2014 - 09:15
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега