Пратениците од наредната година ќе уживаат во новите собраниски простории
Новиот состав на Парламентот на Република Македонија ќе има најповолни услови за работа досега. Со доградбата и надградбата на собраниската зграда секој пратеник ќе добие своја канцеларија, во која покрај другото ќе може да прими и одржува средби со граѓани и со своите избирачи.
Како што информира главниот архитект на Собранието Биљана Ивановска, на денешната обиколка со новинарите низ објектот на која се придружи и претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски, Собранието ќе биде целосно реконструирано до крајот на годината, а ќе биде ставено во функција на почетокот од идната година. Во меѓувреме, како што завршува работата и опремувањето на просториите, тие ќе се ставаат на располагање на пратениците.
Најмаркантен дел од новиот простор со кој ќе располага Собранието е големата Протоколарна сала сместена под големата купола. Таа ќе биде повеќенаменска, главно ќе се користи за меѓународсни средби и собири, а ќе биде опремена со современа техника и ќе располага со околу 250 седишта.
Над главниот влез во Собранието дел од покривот ќе биде адаптиран за видиковец.
По примерот на парламентите на ЕУ, на Белгија, Канада, Полска, Грција и македонското Собрание ќе добие фитнес - сала. Салата е веќе опремена, а покрај пратениците, ќе ја користат и околу 300 вработени во собраниските служби.
- Фитнес-салата е сместена во простор, поточно две простории адаптирани за оваа намена. Од страна имаме санитарии-тоалети, машка и женска гардероба со туш-кабини и сите потребни работи, рече Ивановска.
Реконструкцијата, доградбата, адаптацијата и надградбата на зградата на Парламентот започна во 2010 година. Со овој зафат Собранието ќе добие нови 4.000 метри квадратни корисна површина, или заедно со старите вкупно околу 17.300 метри квадратни.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа