Ќе се унапредува претприемачкиот дух кај учениците

 

Преку воведување и изучување на претприемништвото како дел од наставните програми, ќе се поттикнува и унапредува претприемачкиот дух и вештини кај основците и средношколците. За ова денеска информираше министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

-Инициравме измени во наставните содржини по 6 предмети во деветгодишното основно образование- информатика, математика, биологија, хемија, физика и ликовно, преку воведување на теми од областа претприемништво и иновации, кои се имплементираат од оваа учебна година, а за што се обучени повеќе од 2500 наставници. Во делот на средното образование, во сите средни училишта е воведен предметот „Иновации и претприемништво„“ од прва до трета година, додека во четврта воведен е предметот „Бизнис и претприемништво“, за што исто така се обучени над 1300 професори, истакна денеска Ристовски.

Следна цел на МОН е директно поврзување на средношколците со претставници на реалниот сектор, односно со веќе докажани и успешни претприемачи.

-Министерството веќе испрати директна покана до повеќе од 1000 компании. Одговорите ги очекуваме на официјалната мејл адреса vestikompetentni@mon.gov.mk, а потоа во зависност од можностите на секоја компанија која позитивно ќе се изјасни, ќе биде изработен план за реализација на средбите со учениците со динамика од следната учебна 2014/2015 година, додаде министерот за образование и наука.

15.05.2014 - 14:20
Фото: 
Региони.мк
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега