Владата има план за Глобалните климатски промени кои и се закануваат и на Македонија
Денеска, кога во светот се одбележува 15-ти мај, Меѓународниот ден за заштитата на климата, потребно е да се фрли уште еден поглед на еден глобален феномен, кој му се заканува на сето човештво и на сите држави во светот, вклучувајќи ја и Македонија: станува збор за веќе започнатите климатски промени и за глобалното загревање на планетата Земја, поради што многу држави за првпат во својата историја се соочија со невидени суши, огромни поплави и урагани.
Во март годинава Владата на Македонија и нејзиното Министерство за животна средина го претставија „Третиот национален план за климатски промени“, како стратегиски документ, со кој Македонија направи чекор напред заради придонесување кон глобалното справување со предизвиците од климатските промени. Овој „национален план за климатски промени“ содржи детални студии и сценарија како да се намалат растројствата на климата по пат на намалување на испуштањето на таканаречените „стакленички гасови“: јаглеродниот двооксид, метанот, азотниот оксид, хидрофлуорокарбонатите и перфлуорокарбонатите. Околу 75 - 80 проценти од јаглеродниот двооксид, кој во Македонија се испушта во атмосферата, се создава најмногу при согорувањето на горивата во енергетскиот сектор. Земјоделството учествува со 13 отсто во емитирањето на „стакленичките гасови“, главно, на метанот, а од индустриските процеси 6 проценти на таквите гасови.
Македонската Влада започна во своите економски и енергетски политики да им дава сѐ понагласено место на ефикасното искористување на енергијата и на ресурсите. Се забрзува воведувањето еколошки технологии во сите индустриски гранки, кое треба да се поддржи и со насочени истражувања. Од Владата истакнуваат: „Веќе се отпочнати конкретни активности во неколку компании за воспоставување на системи за следење на потрошувачката на енергија. Во рамките на проектот е планирано да бидат опфатени вкупно 17 компании, во кои ќе се воспостават системи за набљудување на потрошувачката на енергија. Во рамките на проектот ќе се понуди можност за поддршка за реализација на проект за енергетска ефикасност на најмалку 6 заинтересирани компании. Започнуваме со сеопфатна стратегија за еколошка модернизација, со опфаќање широк опсег на различни области на политиката, вклучувајќи ги политиката за животна средина и политиките во областите на енергетиката, трговијата, индустријата, истражувањето, транспортот и буџетот.“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа