Обвинителството поведе истражна постапка за возачот на автобусот
Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка по поднесена кривична пријава од полициската станица Свети Николе против возачот на автобусот на „Струмица Експрес“ В.Ш., кој е осомничен за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според Кривичниот законик на Република Македонија.
По сообраќајната несреќа што се случи на патот Велес – Штип, кај местото Сарамзалино, во која се судрија автобус на Струмица Експрес и патнички воз, Јавното обвинителство како што објави на веб страницата, во текот на вчерашниот ден изврши увид на местото на настанот и ги презеде потребните истражни дејствија. Основно јавно обвинителство Штип по донесувањето на Наредбата за спроведување на истрага до судијата на претходната постапка при Основен суд Штип поднесе Предлог за определување мерка притвор против осомничениот, согласно чл. 165 став1 точка 2 од Законот за кривична постапка, бидејќи постојат особени околности што укажуваат дека осомничениот може да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци и вешти лица.
Во настанот за кој се товари осомничениот, случен на ден 13 мај 2014 година, беа повредени многу лица, од кои има и лица со тешки телесни повреди, се вели во соопштението од Јавното обвинителство на Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа