Нови 70 специјализации за доктори од јавното здравство

 

Нови 70 специјализации во угледни клиники во странство се обезбедени за доктори од јавните здравствени установи во Република Македонија по општа медицина, како и специјализанти.За ова денеска информираше министерот за здравство Никола Тодоров.

- Со имплементацијата на овој проект, ги продолжуваме континуираните заложби за зајакнување и унапредување на стручниот кадар во здравствените установи, како и подигнување на квалитетот на знаење и стручни вештини на докторите, особено од аспект на совладување на нови методи за кои досега пациентите беа испраќани во странство. На овој начин, ја пополнуваме празнината, која е настаната како резултат на тоа што со години во Македонија не се водело грижа за надополнување на кадарот во здравствените установи и не се праќаледоктори на едукација и специјализација. Со искуствата стекнати преку специјализациите на докторите, а особено со новите специјализации во странство, ќе овозможиме и уште поквалитетни здравствени услуги за нашите граѓани, рече Тодоров.

Тој посочи дека веќе е започнато со реализација на специјализациите, со тоа што тројца доктори пред месец и половина заминаа на специјализација во реномираниот Клинички центар Нирнберг – Германија. 

- Сакам да нагласам дека е отворена можноста за испраќање на доктори на специјализација не само почнувајќи од прва година, туку и од некоја од наредните години од повеќегодишните специјализации, рече министерот.

За следниот период, тој најави специјализации за доктори во повеќе медицински центри низ Европа, од кои по 10 специјализации ќе има во здравствени установи во Загреб и во Белград. Воедно, рече, се работи на отворање можности за специјализации за нашите доктори и во Софија, Љубљана, како и дополнителен број на специјализации во Германија.

За претстојниот период, како што нагласи, веќе се распределени дел од предвидените специјализации, за следните јавни здравствени установи: шест специјализации за кадарот од Клиничка болница Штип, шест за Клиничката болница Битола, по четири за ГОБ „8 Септември“ и  за општите болници во Велес и Струмица, три специјализации за Универзитетската клиника по хируршки болести Св. Наум Охридски, една за Универзитетската клиника за радиологија, три за Универзитетска клиника за очни болести, четири специјализации за Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо – Охрид, три специјализации за Институтот по белодробни заболувања кај децата – Козле.

 

14.05.2014 - 15:08
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега