Нови детали за состојбата на повредените патници од страотната сообраќајна несреќа
Сите пациенти кои се донесени вчера на скопските клиники, а кои беа повредени во сообраќајната несреќа на железничкиот премин кај Сарамзалино се во стабилна здравствена состојба и се надвор од животна опасност. За ова денеска информира министерот за здравство Никола Тодоров.
Министерот на прес-конференција истакна дека од вкупно 12 повредени лица кои вчера беа донесени во Ургентниот центар во Скопје, осум се лекуваат болнички, а четворица по амбулантските прегледи се пуштени дома. На трауматологија се лекуваат пет пацинети со контузија на граден кош, кичма, скршеница на лумбален пршлен и од нив двајца се оперирани вчера, а еден ќе биде опериран денеска. На Карил се лекуваат двајца пациенти на кои денеска им се прават контролни снимки. Посериозна е состојбата на една пациентка која има повреда на белите дробови и главата и е ставена на респиратор. Денеска ќе биде подложена на контролно КТ снимање на главата. На неврохирургија е згрижен еден пациент со фрактура на черепот и крварења од увото.
Во велешката болница, пак, во моментов болнички се лекуваат шест пациенти на хирургија, а дома се пуштени тројца меѓу кои и трудницата, која е во добра општа состојба. Во текот на вчерашниот ден од оваа болница за Скопје се испратени вкупно пет пациенти. Во штипската болница во моментов болнички се згрижени четири пациенти од кои двајца на одделението за ортопедија и двајца на хирургија.
Во сообраќајната несреќа што се случи вчера на автопатот Велес-Штип кај железничкиот премин Сарамзалино кога воз удри во автобус повредени беа вкупно 32 патника.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа