Ристовски: Македонија дел од Меѓународното оценување на ученици

Република Македонија се вклучува во Програмата за меѓународно оценување на учениците ПИСА 2015, која претставува една од најчесто користените алатки во светски рамки за мерење и оценување на практично применливото знаење што го стекнуваат учениците во образовниот систем во матичната земја. За ова денеска информираше министрот за образование и наука, Спиро Ристовски.

- Практично резултатите кои се добиваат од ПИСА тестирањето претставуваат студија за параметрите на образовниот систем на една земја која овозможува компарација на квалитетот на образованието со други земји, но пред се претставува добра подлога за иницирање образовни реформи во насока на подобрување на квалитетот на платформата за стекнување практични вештини и способности на учениците, појасни Ристовски.

Пробното тестирање ќе се спроведе на македонски и албански јазик на репрезентативен примерок од 1.500 ученици во 38 средни училишта во земјата, додека во 2015 година ќе се спроведе официјалното ПИСА тестирање со кое ќе бидат опфатени ученици кои навршиле 15 години, а се запишани во сите јавни и приватни средни училишта.

Официјалното тестирање освен на македонски и албански ќе се спроведе и на турски јазик. Знаењето и способностите на учениците ќе се мерат во три подрачја и тоа способеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишаните материјали, математичка писменост и писменост во природните науки.

- Станува збор за стандардизиран меѓународен начин на проверка на квалитетот на постигнувањата во образовниот систем вкупно. Значи државата ќе ни се оценува и ова не може да се споредува со екстерното тестирање, бидејќи децата нема да полагаат предмети за коишто ќе добијат оценка, туку само ќе дадат придонес, со нивна помош да знаеме во кој дел треба да корегираме делови од образовниот систем, истакна министерот Ристовски.

Ова е второ учество на Македонија во ова истражување. Првото се одржа во 2001 година и тогаш земјата забележа доста слаби резултати, вели Ристовски. Од вкупно 41 земја кои биле вклучени во тоа тестирање Македонија се пласирала на 38 место по математички вештини, а на 36 во однос на писменост во природните науки.

13.05.2014 - 14:21
Фото: 
Влада
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега