Проруските сепаристички лидери ја прогласија независноста на „Доњецка Народна Република“
Доњецк и Луганск, проруските сепаристички лидери денеска ја прогласија независноста на т.н. „Доњецка Народна Република“ и на т.н. „Луганска Народна Република“ од Украина.
„Народниот гувернер“ на Луганската Област, Валериј Болотов попладнево на минтинг во Луганск објави независност на самопрогласената „Луганска Народна Република“.
Како што јави ИТАР-ТАСС, Болотов рече дека на вчерашниот референдум мнозинството од жителите на Луганск „го избрале патот на независност од самоволието и крвавиот диктат на киевската хунта, од фашизмот и од национализмот“.
-Луѓето го избраа патот на слободата и патот на почитувањето на законот. За Луганската Народна Република од моментот на прогласувањето на нејзината независнот започнува нов живот без дикатат на киевската власт, дополни Болотов.
Малку пред тоа, на прес-конференција во Доњецк првиот човек на т.н. „Доњецка Народна Република“, Денис Пушилин изјави дека оваа самопрогласена творба е „независна“.
Тој нагласи дека не планира да свика нов референдум за присоединување на регионот на Доњецк кон Русија, туку дека ќе побара од Москва „да ја апсорбира Доњецката Народна Република“.
Во регионите на Доњецк и Луганск вчера се одржаа референдуми на кои според податоците на проруските сепаратисти, кои го организираа изјаснувањето, огромно мнозинство од жителите се изјасниле за самоопределување.
Според комисијата во Доњецк, за самоуправа се изјасниле 89 проценти од гласачите, додека десет отсто биле против. Во Луганск, пак, 96 проценти биле за, а нешто над три отсто се изјасниле против.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа