Групна венчавка во кумановско

Петнаесетина двојки денеска се венчаа во црквата „Света Петка“ во кумановско Бедиње.

Свештениците  во црквониот двор пред кумовите и роднините венчаа парови, кои со години се во граѓански брак, најголем дел од нив со деца и внуци.

Антониј Стојковски, старешина на црквата „Света Петка“ информира дека ова е второ групно венчавање.

- Со благослов на неговото високоправосвештенство, митрополитот кумановско-осоговски г. Јосиф се организира групната венчавка. Се надевам дека ова ќе биде кратко - годишна традиција и дека ќе ги венчаме сите парови, кои пропуштиле да се венчаат, рече свештеникот Стојковски.

Тој апелираше до младите да не пропуштаат да се венчаат во црква и ги повика заинтересираните да се обратат кај свештениците за еветнуални недоразбирања или нејаснотии со цел, како што истакна, да добијат Божји благослов пред почетокот на нивниот заеднички живот.

Педесет годишниот Јовица Ванчевски и неговата 44 годишна сопруга Јадранка денеска се венчаа во црква по 25 години брак.

- Оваа година одбележуваме сребрена свадба 25 години. Тогаш пропуштивме да се венчаме во црквата, но никогаш не е доцна. Имаме двајца синови веќе стасани за женидба. Оваа е убава христијанска обврска и препорачувам секој да ја испочитува, нагласи Ванчевски. 

11.05.2014 - 15:16
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа