Го наполнил возилото со мигранти и тргнал на пат
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против 33-годишниот С.С. поради „криумчарење мигранти“.
Според податоците, за одреден паричен надомест пријавениот извршил прифаќање на девет илегални мигранти од кои едно дете, кои од Грција илегално влегле на територијата на Република Македонија. Лицата требало да се транспортираат од подрачјето на Гевгелија до кумановскиот регион. Потоа, по прифаќањето на мигрантите, на патниот правец Гевгелија - Неготино, од мобилен тим на Царинската управа, според соопштението, бил направен обид за запирање и контролирање на возилото под сомнение дека во возилото се превезува нелегална стока, при што С.С. ги игнорирал наредбите за запирање на возилото и продолжил да се движи во правец на Неготино. Во близина на Градско, пријавениот со возилото го напуштил автопатот Гевгелија - Скопје и со голема брзина продолжил да се движи по стариот пат Градско - Велес.
По кратко време, како што е наведено во соопштението на МВР, во близина на Велес, кај местото викано Зенуле, С.С. застанал, го напуштил возилото и се дал во бегство, додека возилото и мигрантите биле пронајдени на лице место. По дополнително преземени мерки и активности за идентификување на лице, извршени консултации со Јавниот обвинител и по издадена наредба за приведување на лице, од страна на Судијата на претходна постапка, тој е идентификуван и пронајден, а по приведувањето С.С. е предаден на Судијата на претходна постапка.
Судија на претходна постапка, на С.С. му одредил мерка притвор во траење од 30 дена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа