Чавушоглу: Опозицијата да влезе во Парламентот - СДСМ создава штетни сценарија за Македонија

 

Опозицијата да влезе во Парламентот што е можно поскоро, оти одлуката за бојкот е всушност злоупотреба на довербата од гласачите. Ова го изјавува турскиот министер за евроинтеграции Мевлут Чавушоглу во интервју за Канал 5.

-Сакам да им честитам на претседателот Ѓорге Иванов и на премиерот Никола Груевски за ре-изборот и се надевам овој нов мандат ќе и донесе на Македонија уште поголем мир и просперитет. Сите изборни процеси низ кои се изразува слободната волја на граѓаните придонесуваат за продлабочување и консолидирање на демократијата. Македонскиот народ одлучи за политичката насока на нивната земја во демократска атмосфера и уште еднаш ја покажа својата посветеност кон основните демократски вредности, вели Чавушоглу, додавајќи дека политичките партии мора да се воздржат од предизвикување какви било немири кои можат да предизвикаат криза, што ќе има негативно влијание врз меѓународниот имиџ на земјата. Турција отсекогаш го поддржувала зачувувањето на мултиетничко и мултикултурно општество во Македонија , како и целосна интеграција на земјата во европските институции.

Чавушоглу недвосмислено бара опозицијата да ги прифати освоените мандати.

-Ставот на опозициската партија да ги бојкотира резултатите од изборите и да не учествува во новоизбраниот парламент е во спротивност со духот на демократијата. Политичките партии треба да се воздржат од поткопување на вербата во демократијата. Без демократија, постоењето на било која политичка партија би било бесмислено. Се надевам дека сите политички партии во Македонија ќе ги заземат своите  места во новоизбраниот парламент што е можно поскоро . Апстиненцијата од обврските на застапеност и неучеството може да се сфати како злоупотреба на довербата на гласачите. Луѓето ги избираат своите претставници и од нив ги бараат своите права, тие се нивните гласови во Парламентот. Резултатот на изборите не може да ја задоволи опозициската партија, но во напредна демократија првиот чекор на опозицијата при  партиската трка е да почитува резултатите, не да ги  бојкотира.

На СДСМ не и предвидува светла иднина.

-Мислам дека ниту една политичка партија која не ја почитува волјата на својот народ нема да опстои. Се надевам дека сите политички партии во Македонија ќе ги преземат своите места во новоизбраниот парламент што е можно поскоро со што ќе се даде нов поттик на демократската конкуренција што е и пат кон постабилна Македонија, вели Чавушоглу.

10.05.2014 - 12:19
Фото: 
дневник
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега