Иванов:ЕУ е најголемиот мировен проект, ќе продолжиме по нашиот европски пат

 

Ние сме посветени на иднината и сме загрижени за иднината на ЕУ и сакаме да придонесеме нашиот континент да живее во мир и во просперитет. Да придонесеме со нашето искуство и знаење да се развива европската идеја и мирот да трае, затоа што нема ништо повозвишено од мирот, е пораката од претседателот Ѓорге Иванов, од денешната панел дискусија на тема „ЕУ-од идеја до заедничка иднина“, што се одржа во рамки на одбележувањето на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Европа пред се, нагласи Иванов, е мир, а ЕУ е најголемиот мировен проект во историјата на човештвото. Според него, ЕУ е модел за иднината, единствен проект што се менува додека се развива и се прилагодува на она што се случува. Со појавата на првите кризи, Европа учи и се прилагодува, смета тој. ЕУ, рече, е пред големи предизвици, но останува сепак проект за иднината.

- Македонија од самите почетоци на независноста потврди дека стратешките цели се членство во ЕУ и во НАТО. Ние често велиме дека на некој начин сме обесправени затоа што премногу долго сме и кандидат и премногу долго чекаме да почнат преговорите за членство во ЕУ. Но, сите реформи што се преземени и препораки што се добиени се резултат на прилагодувањето на нашето општество и граѓаните на еворпските стандарди, принципи и критеритуми, рече Иванов. 

Тој додаде оти Македонија имала големи разочарувања како земја, почнувајќи, подвлече, од истражувањето на извештајот на Бадинтеровата комисија, Лисабонската декларација во 1992 година, а се уште се чувствуваме нелагодно, посочи, кога не се почитува од страна на една земја членка на ЕУ се тоа што доброволно го презела како обврска кон нас и со пресудата од Меѓународниот суд очекувавме дека ќе се почитува таа одлука, но, рече, доживеавме  и да не биде почитувана.

- Сето тоа не не обесхрабрува да продолжиме по нашиот европски пат и да ги исполнуваме сите барања што ни се доставуваат од ЕУ. Има и наша вина. Многу трошиме енергија за прашања кои не се релевантни за европската идеја и ЕУ и се уште не сме ги совладале детските болести на демократијата, истакна меѓу другото претседателот Иванов. 

Младите и бизнисмените, подвлече, покажаа дека македонското и грчкото општество немаат никакви проблеми покрај прашањето за името да функционираат.

- Да се надеваме дека европските избори ќе придонесат да се менуваат состојбите кај нашиот јужен сосед, да дојдат млади генерации кои не се преукупирани со минатото, затоа што сите држави на Балканот добија нови елити, единствено кај нашиот јужен сосед имаме елити кои се од времето студената војна, рече претседателот на Република Македонија.

Појасни оти некогаш во демократијата политичарите не сакаат да превземат храбри одлуки надвор од нивниот мандат, а тоа се случувало и во други земји членки во ЕУ. Но, Унијата им давала кредит на такви земји кои не ги исполнувале условите, а некои не биле дури констатирани како држави, па станале проблем во самата ЕУ.

- Најчесто одговорот е дека Македонија мора да ги исполни сите услови и оти тие случаи биле преседан и тоа не може да важи за нас. Тоа не повредува бидејќи станува збор за двојни стандарди. Но, кога ја добиваме довербата од граѓаните и да ги исполниме стратешките цели, мора да најдеме начин и волја тоа да го реализираме пред се во функција на генерациите кои доаѓаат после нас, истакна Иванов.

Демократијата, нагласи тој, е процес кој се учи ако учествувате во неа.

- Кога ќе дојдете на избори да го дадете вашиот глас и да го прифатите резултатот од волјата на граѓаните. За жал ние сме сведоци деновиве на се уште учење и многу умор во демкратијата, кои доведоа до тоа што го имаме денес. Но, европската идеја е патоказ за тоа како жестоки непријатели да дојдат до решение преку дијалог, да понудат иднина. Тоа им го должиме на генерациите кои доаѓаат и сме обврзани во нивно име да сме доследни на идејата за Европа и за мир, рече Иванов на панел дискусијата на која учествуваа и шефот на мисијата на ЕУ во Република Македонија, амбасадорот Аиво Орав и професорот Ветон Љатифи од Универзитетот на Југоисточна Европа.

Евроамбасадорот Орав потенцира дека главните вредности на ЕУ се мир, демократија и просперитет.  Кога зборуваме за демократијата, рече, тоа значи владеење на правото, почитување на човековите права, слободни медиуми...Сега, според Орав, ЕУ се соочува со нови предизвици, а тоа е еворпската безбедност.

- Проширувањето како најуспешна политика на ЕУ ќе продолжи.  Сите оние земји кои имаат потреба од ЕУ, треба да знаат дека и ЕУ има потреба од сите тие земји заради силна демократија, рече евроамбасадорот Орав. 

Тој  додаде оти ЕУ е во постојан развој.

- Некогаш донесувањето одлуки е долг и сложен процес, а кога има 28 држави кои мора да подготуваат одлуки дома и да се состанат и да донесат одлука за одредено прашање, тоа одзема многу време. Тоа се смета за слабост на ЕУ, но истовремено и не е затоа што е многу транспарентен процес, појасни тој.

Главните предизвици изминатите години, подвлече уште еднаш, за ЕУ беа економската криза, а сега е нова фаза тоа  се безбедносните аспекти.

Според него, главен проблем за економскиот развој и напредок е и коруцијата.

Професорот Љатифи говореше за европските вредности и потребата од нивно промовирање.

МИА

09.05.2014 - 16:09
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега