ВИДЕО: Руската војска го покажа новиот арсенал
На Црвениот плоштад во Москва се одржа воена парада по повод победата во Втората Светска војна, на која учествуваа околу 11.000 војници, тенкови, воени авиони и ракетни фрлачи. На парадата која ја отвори министерот за одбрана Сергеј Шојгу, присуствуваше рускиот претседател Владимир Путин и премиер Дмитриј Медведев, како и илјада воени ветерани.
Секоја година Русија ја слави победата во Втората Светска војна на 9-ти мај бидејќи капитулацијата е потпишана на 8 мај во Берлин, што по московско време било 9. мај.
Како што наведува агенцијата Франс прес, овој настан преку кој Русија ја покажува својата обновена воена моќ со ракетни фрлачи, тенкови и тешки бомбардери, оваа година има уште поголемо значење за Кремљ кој се спротивставува на Западот околу Украина.
Путин во своето кратко обраќање пред почетокот на парадата, не ја спомена ситуацијата со Украина, туку беше сконцентриран на историското значење на победата над нацистичка Германија.
Рускиот претседател обраќајки им се на војниците и поранешните борци во Втората Светска војна, ја поздрави „триумфалната сила на патриотизмот“ и истакна дека тогаш посебно се чувствува „што значи да се биде посветен на татковината и колку е важно да се бранат своите интереси.“
Околу 11.000 војници маршираа на Црвениот плоштад низ звуците на патриотски песни. Во парадата учествуваа околу 150 воени возила и 69 борбени авиони и хеликоптери.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа