Руски стратегиски подморници истрелаа две балистички ракети

 

Руски стратегиски подморници истрелаа две балистички ракети за време на воените вежби под надзор на претседателот Владимир Путин, јави ИТАР-ТАСС.

Путин изјави дека маневрите биле испланирани уште во ноември.

- На вежбите учествуваа воени единици од целата територија на Русија, вклучувајќи ги и нуклеарните сили. Оддржана беше и симулација на соодветен масовен нуклеарен удар како одговор на непријателски напад, изјави рускиот претседател.

Западните медиуми овој настап на Путин го оценуваат како невообичаено силна изјава со која се одразува зголемената тензија со Западот заради случувањата во Украина.

Путин зборуваше од седиштето на руското Министерство за одбрана, каде вежбите ги набљудуваше заедно со лидерите на поранешните советски републики, членки на Организацијата на Договорот за колективна безбедност.

Во планираната вежба стратегиските ракетни подморници „Тула“ од Северната флота и „Подолск“ од Пацифичката флота истрелаа балистички ракети од Баренцовото и Охотското Море, соопшти претставник на руското Министерство за одбрана.

Боевите глави на ракетите во предвидениот рок стигнале до определените цели. Вежбовните гаѓања ги потврдиле параметрите за борбената готовност и способност, како и за ефикансоста на сите делови на системот за борбено управување со поморските стратегиски нуклеарни сили, нагласи претставникот на руското Министерство за одбрана.

08.05.2014 - 14:14
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега