Предвремените избори во Косово ќе се одржат на 8 јуни

Косовската претседателка Атифете Јахјага денеска соопшти дека е постигнат договор предвремените парламентарни избори во Косово да се одржат на 8 јуни.

На прес-конференција во Приштина, Јахјага нагласи дека ваквата одлука е донесена во консултации со политичките партии.

Консултациите со партиите, како и со претседателот на Централната изборна комисија, Валдете Дака, за одредување на датумот за одржување на изборите, Јахјага ги започна вчера во попладневните часови, откако претходно косовското Собрание донесе одлука за самораспуштање.

Синоќа по завршувањето на средбите со партиските претставници, Кабинетот на Јахјага соопшти дека консултациите ќе продолжат и денеска, како и дека политичките партии предлагале изборите да се одржат на 8 или на 15 јуни.

Четвртиот состав на  Собранието на Косово беше распуштен вчера по двочасовна дебата, со 90 гласови „за“, четири „против“ и три „воздржани“. 

08.05.2014 - 12:07
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа