ДУИ бара Претседател на Собранието - тешко одат преговорите за нова Влада

 

Тешко одат преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Како што пишува Дневник, главен камен на сопнување е признавањето на легитимитетот на претседателот Ѓорѓе Иванов, чекор  кој ДУИ има проблем да го направи, особено по целата предизборна кампања во која Ахмети алудираше на принципот за консензуалност при изборот на шефот на државата. Сепак, извори од ВМРО-ДПМНЕ за Дневник велат дека владејчката партија токму тоа го испорачала како услов за новата владина коалиција. 

„ На средбите за преговори за нова влада кажано  е на ДУИ да најде начин експлицитно или не да го признае легитимитетот на претседателот. Многу е битно пратениците на ДУИ да се појават на инаугурацијата на Иванов зашто тоа ќе влијае врз преговорите. Не мора да аплаудираат, но присуството на седницата ќе биде гест на политичка култура. И на нашите советници не им се допаѓаа градоначалниците Теута Арифи, Невзат Бејта, Фатмир Дехари, но беа на конституирањето на советите на општините - вели функционерот од ВМРО-ДПМНЕ за Дневник.

Од партијата на Груевски повторуваат дека според изборната математика, односно изборните резултати, ДУИ не може да се надева ни на поголем дел од изборниот колач од тој во 2011 година, иако Ахмети го бара претседателското столче во Собранието. Дека интегративците атакуваат на функцијата претседател на Собранието, јавно потврди лидерот на ДУИ во интервјуто од Тирана, особено откако идејата за консензуален претседател доживеа крах. Ахмети остана на ставот дека една од трите државни функции треба да е раководена од Албанец. Во пакет со спикерското место во парламентот, барање на ДУИ е и измена на собранискиот Деловник во делот - претседателот на Собранието да ги води седниците на албански јазик - пишува Дневник.

Весникот повикувајќи се на извори во ВМРО-ДПМНЕ пишува дека се уште нема договор Функцијата Претседател на Собранието да му припадне на ДУИ што може да ги помести роковите за одржување на конститутивната седница на Собранието која неофицијално е закажана за во сабота.

08.05.2014 - 11:03
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега