Крвава среда: 11 повредени во сообраќајки во Скопје

За 24 часа, на скопските улици се случиле девет сообраќајни несреќи. Во две од нив, со тешки повреди се здобиле еден патник и возач на мотоцикл, додека во шест несреќ полесно се повредени тројца возачи на патнички моторни возила, двајца сопатници, тројца пешаци и еден возач на мопед. Во  една незгода била предизвикана само материјална штета.

Првата несреќа со потешки последици се случила во 11 часот на крстосницата од регионалниот пат Скопје – Велес кај село Јурумлери и локалниот пат Долно Лисиче во која учествувал автобус со скопски регистарски таблички, управуван од граѓанин на Скопје. Возачот на автобусот реагирал нагло на сопирачките за да избегне сообраќајна незгода со друго возило, при што патник, жител на село Кадино, паднал на подот во автобусот и се здобил со тешки телесни повреди.

Втората потешка несреќа се случила во 12:30 часот на булеварот „Илинден“ во која учествувал мотоцикл со скопски регистарски таблички, управуван од граѓанин на Скопје. Тој од непознати причини изгубил контрола над моторот, паднал на коловозот и се здобил со тешки телесни повреди.

ПОлицијата вчера открила и санкционирала шест возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците, 22 возачи кои ги управувале возилата по истекот на важноста на сообраќајната дозвола или без возачка дозвола, 12 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управувањето на возилата, како и осум возачи кои непрописно ги паркирале возилата на автобуските стојалишта, во зона на крстосница и на обележан пешачки премин.

Со специјалното возило „пајак“ биле отстранети 59 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска ќе се реализира сообраќајна поука во просториите на Полициската станица од општа надлежност – Гази Баба со почеток во 19 часот на која ќе присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот во својство на возачи кои со возилата непрописно се престроиле пред крстосница, кои не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управувањето на возилата, како и возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење.

Во рамките на сообраќајно воспитните акции Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе реализира едукативни работилници во врска со сообраќајната култура на децата од предучилишна возраст во детската градинка „Кочо Рацин“, објектот „Панорама“ и објектот „Бели мугри“ кои се наоѓаат на подрачјето на општина Центар.

За денеска не се најавени вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно според постоечката сообраќајна регулатива. 

08.05.2014 - 09:19
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа