ВМРО-ДПМНЕ со обраќање до граѓаните Албанци
Заврши периодот кога со политички, етнички и верски подбуцнувања ќе можат да се освојуваат гласовите на Албанците. Отсега, како што најавивме во кампањата, ќе реагираме јавно на ваквиот вид интеретнички надмудрувања и препукувања, а на грбот на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата најостро го осудуваат новиот бран препукувања меѓу различните политичари Албанци, кои повторно, како во минатото се напаѓаат меѓусебно, при што повторно главна жртва во нивните обвинувања е ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, овојпат во контекст на разговорите за формирање владино мнозинство.
-Овие политичари, сакајќи пред албанските граѓани да се прикажат како некои големи патриоти и негови наводни единствени заштитници, повторно тоа го прават прикажувајќи го ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски во најнегативно светло, во светлина на партија и претседател на партија која не им мисли добро на Албанците во Македонија. Тоа не е точно - се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека со оваа реакција повторуваат дека нема поголем заштитник и промотор на поквалитетен живот и нема поголем решавач на проблемите на Албанците и на сите граѓани во Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека завршил периодот кога ВМРО-ДПМНЕ молчел пред континуираните нејзини сатанизирања од одредени политичари Албанци, со што не само што истите се трудеа да си ја оправдаат својата безидејност за решавање на реалните проблеми на граѓаните или пак, нивните нереализирани ветувања, туку и се обидуваа резултатите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ да ги прикажат како свои.
-Граѓаните Албанци можат да бидат и спокојни и да имаат позитивни очекувања од сите 2.046 проекти кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прави за сите граѓани во Македонија, независно од нивната етничка, верска, политичка или каква било друга припадност. ВМРО-ДПМНЕ работи и ќе работи за доброто на сите - велат од партијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа