Нимиц: Ништо од последната средба за името
Не е постигнат позначителен напредок на најновата средба во разговорите за спорот за името во Њујорк, изјави пратеникот на Обединетите нации амбасадорот Метју Нимиц по средбата со претставниците на Македонија и Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.
Нимиц рече дека ќе ги посети Македонија и Грција на крајот на јуни или почетокот на јули, и притоа потсети на ситуацијата во Украина велејќи дека имајќи ја предвид безбедносната ситуација во светот, интересот за решавање на безбедносни проблеми е засилен.
- Позициите на двете влади се јасно искажани. Јас дадов повеќе предлози, и има области каде владите не се многу задоволни со аспекти од тоа што го предложив. Ќе побараме решенија во тие области, дали има нови размислувања да се пристапи до проблемот. Имајќи ја предвид ситуацијата во светот, и засилениот интерес за прашања од безбедноста, мислам дека ова е добро време за раководствата на двете земји да видат дали има нови начини да се реши овој проблем, изјави Нимиц по средбата во седиштето на Обединетите нации.
Се очекува посетата на Нимиц на Македонија и на Грција, во текот на летото, откако ќе завршат евро-парламентарните и локалните избори во Грција, да покаже дали Македонија може да се надева на позитивен исход на време за самитот на НАТО во септември. Амбасадорот додаде дека, по завршувањето на изборните циклуси во двете земји, посетата на регионот ќе овозможи да утврди како изборите влијаеле врз подготвеноста на земјите за постигнување на договор.
- Прашавте дали кај двете земји има поттик да се реши спорот кај двете страни. Мислам дека во сите преговори има граници колку може посредникот да направи. Двете страни имаат интерес, но на крајот раководствата во Атина и во Скопје ќе треба да го решат овој проблем, изјави Нимиц.
Посредникот Нимиц во изминатиот период ги интензивираше разговорите во Њујорк. Ова е втора средба во рок од еден и пол месец.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа