Радост за најмладите: Скопје ќе добие обновен и модерен Театар за деца и младинци

Театарот за деца и младинци од септември 2015 ќе има реновиран и проширен простор. Ова денеска го најави министерката за култура, Елизабетаканческа Милевска.

-  Театарот за деца и младинци заслужува да добие реконструкција. Сметаме дека е тоа доста значајно бидејќи  оваа е единствена институција која има едукативна мисија на младата популација со содржините во својот репертоар. Затоа во програмата го ставивме овој проект и веднаш ќе пристапиме кон негова реализација. Денеска со тим од Министерството за култура ја скениравме состојбата, направивме динамичен план за реконструкцијата и веднаш ќе се пристапи кон идеен проект за реорганизација на објектот. Според планот, во септември следната година театарот треба да добие нов современ простор, со поголема сцена и поголемо гледалиште, изјави Канческа-Милевска.

Директорот на театарот Драган Довлев истакна дека проширувањето ќе ги задоволи нивните потреби и и се заблагодари на министерката: - Ова е голем ден за нашиот театар и ни дава сила за понатаму. По една ваква одлука, сигурен сум дека еден ден ќе дочекаме и нов објект со кој ќе се гордее и целата држава. Но големо благодарам што во рамките на овој објект ќе се извлече максимумот. Мислам дека проектот ќе биде одличен и дека во наредните пет до 15 години ќе немаме потреба за нешто плус. Се што вложивме за 24 години, на крајот се исплаќа. Многу ќе ни ја подобри работата,  а децата, кои се нашата публика, заслужија подобри услови во кои ќе ги гледаат нашите претстави, рече Довлев.   

Инаку, салата за публика ќе биде поголема во должина и ќе се протега до крајниот дел од објектот. Ќе бидат реновирани и сцената, гримјорните и просториите за фундусот, театарското фоаје, административните простории и санитарните јазли. Идејниот проект се очекува до 10 јуни, за потоа да биде објавен тендер за избор на фирма што ќе го проектира просторот и фирма што ќе го реновира.

Театарот за деца и младинци е меѓу најнаградуваните професионални театари во Македонија: 36 меѓународни награди,  девет гран-при за најдобра претстава. Годишно изведува околу 200 претстави и е посетен од околу 20.000 гледачи.

06.05.2014 - 13:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега