Американци кои ја мразат владата ги поставиле бомбите во Бостон?

 

 Експлозиите кои одекнаа во понеделникот за време на маратонот во Бостон се организирани од еден или повеќе Американци, кои ја мразат Владата, тврди Џон Холсман, меѓународен аналитичар по надворешна политика, во интервју за романскиот информативен сајт Заире, јави БТА, пренесе МИА.

Тој нагласи дека никој досега не ја презел одговорноста за нападот, кој беше извршен на т.н. Даночен ден, крајниот рок за поднесување на даночните декларации во САД. А фактот дека бројот на загинатите е многу помал од тој на ранетите, според него наведува на помислата дека дека тој не е организиран од меѓународна терористичка организација.

Аналитичарот го споредува нападот во Бостон со тој извршен од Тимоти Маквеј, кој на 19 април 1995 година, активираше автмобил бомба пред федерална зграда во Оклахома Сити, убивајќи 168 лица и ранувајќи 500. 

- Врз основа на моето искуство на темата борба против тероризмот од времето кога бев во Вашингтон, можам со сигурност да кажам дека не станува збор за терористички напад на меѓународна организација. Клучот е датумот, на кој беше организиран нападот - 15 април, односно Даночниот ден, кога американскиот граѓанин треба да ја предаде декларацијата за своите приходи, врз основа на кои ги плаќа даноците, изјави Холсман.

- Доколку бев иследник ќе барав некој, кој е против даноците или против Владата, член на групациите, кои сметаат дека американската Влада нема никакво право да собира даноци, што автоматски не води до напад од типот на тој извршен од Маквеј, додаде аналитичарот.

Тој истакна дека никој не ја презел одговорноста за нападот, што не би се случило доколку организаторот е Ал Каеда или друга странска терористичка организација. 

- Од гледна точка на терористите за успешен се смета нападот во кој има многу жртви. Тоа е уште еден знак дека не станува збор за напад, каков што би организирала Ал Каеда, туку за напад извршен од група аматери, рече Холсман.

Тој потенцира дека САД отсекогаш се соочувале со насилство кое е политички мотивирани, напоменувајќи дека повеќе американски претседатели биле убиени, а врз многу други политички лидери се извршени обиди за атентат.

- Сметам дека САД стануваат се пополаризирани од политичка гледна точка. Републиканците и демократите се се пополаризирани, гледаат само определени телевизиски канали, имаат пријатели само од определена политичка ориентација и се уверени дека останатите „не се со сите“, коментира аналитичарот, кој е роден во САД, но во моментов живее во Германија

(МИА) 

најчитано сега