Битола во црно - смртта ги покоси пред да станат родители

Цела населба е во тага, растревожени сме зашто беа млади, животот беше пред нив, а не стигнаа да станат ни родители. Вака, со болка во гласот, раскажуваат жителите од битолски Баир каде што живееја тројца од загинатите во тешката сообраќајна несреќа која се случи на патот Битола – Прилеп, кај селото Лознани, пишува утрешен „Вест“.

Станува збор за младиот брачен пар Бесим Рустемов (24) од Битола и сопругата Гулџан Ф.(20) од Прилеп, а заедно со нив загина и нивниот пријател битолчанецот Ибраим Делшат (38). На местото на несреќата починаа и Зија А. (17) и Асип Н. (19) од село Алдинци, а други двајца се тешко повредени.

По лошата вест, битолскиот Баир е во шок. Соседите раскажуваат дека пред да се случи несреќата, битолчаните патувале за Прилеп, кај роднини на невестата.

-Цело население е во тага, сите сме растревожени, зашто беа млади сопружници, пред нив беше животот, не стигнаа да станат дури ни родители. Беа добри луѓе, паметни, домаќини. Како што слушнавме, патувале, најверојатно, кај нејзините во Прилеп. Другиот починат се прехрануваше собирајќи шишиња – велат соседите Кани Рустемовски и Зекир Велиовски.

Според СВР Битола, до сообраќајката дошло завчера, нешто по 20 часот, при судир на два автомобила. Битолчаните кон Прилеп патувале со “фиат тофас”, а со возилото управувал Делшат. Во другото возило “фолксваген голф”, кое се движело кон Битола, имало четворица патници од крушевското село Алдинци. Преживеале само возачот А.Х. (21) и совозачот М.Ј. (18) кои, со тешки телесни повреди, се хоспитализирани во Битолската болница, и се борат за живот.

- Имаат повреди на главата, градите, на екстремитетите и се во критична состојба – изјави Јагода Стојановска, портпарол на Битолската болница.

Полицијата ги истражува причините за несреќата, возилата се дадени на вештачење, мртвите тела на обдукција.

 

05.05.2014 - 19:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега