МВР: Изборите мирни и демократски - полицијата беспрекорно ги изврши задачите

 

Министерството за внатрешни работи беспрекорно ги заврши своите обврски и задачи, со што Република Македонија ги имаше најмирните и најдемократските избори во нејзината историја откако функционира повеќепартискиот систем.

На овие избори првпат Министерството се одлучи за патролно покривање, односно поголема мобилност на избирачките места, наместо досегашната пракса на фиксно, односно стражарно покривање и постапување.

- Исходот од реализацијата на претходно изготвените планови беа избори во кои граѓаните можеа најдемократски, по сопствена воља, без никакви притисоци, зад параваните да го дадат својот глас за политичката опција за која сметаат дека им нуди попросперитетна иднина. Првпат во сите досегашни изборни циклуси не е регистриран ниту еден прекин на гласањето, ниту се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир на самите избирачки места, стои во соопштението од МВР.

Покрај ова, на девет лица МВР им издаде девет платни налози за сторени пет  прекршоци од кои „учество, предизвикување или поттикнување тепачка“ три и по еден прекршок „физички напад“  и „оддавање на пијанство“.

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди поднесе извештај за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност против полициски службеник од Полициската станица - Крива Паланка, кој на денот на изборите, постапуваше спротивно на задачите наведени во наредбата  за вонредно  обезбедување избирачко место во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ во село Отошница, Крива Паланка

За потребите на изборниот процес беше спроведена обука за 7.000 полициски службеници кои го дадоа својот придонес во реализирањето на обврските на Министерството. Над 4.100 полициски службеници беа ангажирани за обезбедувањето на вкупно 580 митинзи и средби со граѓани на кои кандидатите за претседател и за пратеници можеа да ја изложат својата програма. На овие митинзи според проценките присуствуваа 530.000 граѓани и тие минаа без ниту еден посериозен инцидент.

05.05.2014 - 13:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега