Нема опасност од поплави - надојдените води се повлекуваат
Состојбата со водотеците и акумулациите е стабилна на целата територија на Република Македонија. Надојдените води се повлекуваат, а дополнително стабилизирање се очекува со оглед на најавите за намалување на врнежите. За ова информираа денеска од Дирекцијата за заштита и спасување.
Ангажирана е една градежна машина за уредување на коритото на Злетовска Река и за отстранувње на другите критични места. Злетовска Река е излеана кај селото Новоселани, Кочанско, при што се поплавени оризови полиња. Ангажирани се две градежни машини за расчистување на коритото.
На барање на локалната самоуправа, од страна на ДЗС е ангажирана уште една градежна машина за расчистување на коритото на Злетовска Река кај селото Жиганци.
Во Кумановско во изминатото деноноќие дојде до зголемување на нивото и излевање на реката Кумановска кај селото Доброшане при што се поплавени 20 хектари земјоделска површина.
Крива Река е излеана кај селото Довезенце при што се поплавени 10 хектари.
Во Кривопаланечко нема излевања на реките и поплавување. Нивоата на Крива Река и Дурачка Река е се нормализирани и стабилни, а на улица „Ристена Гогова“ во Крива Паланка има појавено помало свлечиште, но куќата е стабилна и нема оштетување.
Нормализирано е нивото на водотеците и во општините Радовиш и Штип. На барање на локалната самоуправа, Дирекцијата за заштита и спасување даде 1.000 вреќи за песок за изградба на заштитен насип на бунарите кај реката Брегалница.
Доколку состојбата со поплавите се влоши Дирекцијата за заштита и спасување ќе ангажира дополнителна градежна механизација од фирмите со кои има склучено договори, по предходна одлука на Владата на Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа