Хејгл: Македонија и Грција да најдат заеднички интерес за проширување на НАТО

 

Американскиот секретар за одбрана Чак Хејгл ги повика Македонија и Грција да работат на изнаоѓање заеднички интерес со цел да се овозможи проширувањето на НАТО.

- Како што знаете, тоа е дел од светот кој работи на тешки историски разлики. Мислам дека е постигнат напредок во тие земји додека на мирен начин ги надминуваат разликите. Не е се совршено, се уште има предизвици, во натамошниот напредок во градењето на функционални, слободни институции, почитување на сите луѓе, без разлика на нивната религија или етничка припадност. Мислам дека многу напредок е постигнат. Имаме разлики, но никогаш нема да можеме мирно да ги надминеме разликите без да изградиме институции и платформи на взаемен интерес, изјави Хејгл на прашањето на Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора, кој конкретно праша за спорот меѓу Македонија и Грција како пречка на проширувањето на НАТО.

Хејгл беше поканет да зборува токму за проширувањето на НАТО, во центарот Вудро Вилсон во Вашингтон, на крајот на неделата во која и потпретседателот Џо Бајден и државниот секретар Џон Кери дадоа општа поддршка за проширувањето на НАТО, но без да најават конкретни иницијативи.

И поранешните водечки германски и руски дипломати, Волфганг Ишингер и Андреј Козирев, кои зборуваа за проширувањето на НАТО по Хејгл, оценија дека оваа политика била неопходна по распадот на комунизмот, и повиците на земјите од источна Европа да бидат примени под западниот безбедносен чадор.

Но, и Ишингер и Козирев укажаа дека проширувањето на НАТО се одвивало со големо количество недоразбирање и конфузија меѓу Западна Европа и Русија.

Ишингер укажа дека германскиот договор со Русија, постигнат меѓу водачите Хелмут Кол и Борис Јелцин, бил покрај проширувањето, еднакво важен елемент да биде и поврзувањето на Русија со НАТО, што изостанало во подоцнежниот развој на настаните.

Ишингер побара по смирувањето на кризата на Украина да се работи на проект за повторно градење на европската архитектура со места за Русија во неа. Козирев ги предуреди американските дипломати и политичари, што и да прават, да не упатуваат празни закани кон Русија кои не мислат да ги исполнат.

- Досега имавме разни ветувања од страна на Запад, и затоа, ве молам, немојте сега да упатувате и празни закани. Зборовите кои ги кажувате мора да значат нешто. Доколку не мислите да им помогнете на Украинците, бидете искрени и пратете им ја јасно таа порака. Кажете им дека Германија не сака да се ангажира, дека поранешниот канцелар Герхард Шредер сега работи за Газпром и прима плата од 200.000 евра, и дека не мислите да се конфронтирате со Русија, изјави Козирев, поранешен министер за надворешни работи на Јелцин.

03.05.2014 - 10:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега