Силјановска: Неприфаќањето на мандатите е катастрофа за СДСМ

 

По одлуката на СДСМ да не ги прифати мандатите на  избраните 34 пратеници на предвремените парламентарни избори, за евентуално  непополнетите  пратенички места во македонското Собрание, а откако ќе се изјаснат сите од листата, се распишуваат дополнителни избори, но законот не утврдува рокови.

Според професорката по Уставно право Гордана Силјановска, нема рок кога треба да се распишат дополнителни избори, a треба и да се види   дали сите 34 пратеници нема да ги прифатат мандатите затоа што на листата со која настапи СДСМ има и од други партии. 

- Можеби некои ќе прифатат мандати, јас не сум убедена дека од другиве партии туку така ќе ја прифатат одлуката на СДСМ, изјави за МИА Силјановска.

Во рок од 20 дена од одржувањето на изборите треба да се конституира Собранието. Првата седница ја свикува поранешниот собраниски претседател. Ако тој не ја свика, пратениците можат да се свикаат сами, а да заседава најстариот. Бројката од 89 пратеници, според Силјановска, е сосема доволна зашто во Деловникот член 10 став 3 вели дека Собранието се конституира ако има најмалку мнозинство гласови, мнозинство присутни членови од вкупниот број. Тоа има 89, и е дури квалификувано мнозинство. Со тоа мнозинство може да си работи, појаснува Силјановска.  

Според неа, пратеничкиот мандат не може да се откаже во партија.

- За да вратите мандат, треба да добиете мандат. Мандатот се добива по верификацијата од Парламентот, прво Мандатно-имунитетската комисија и ќе се потврдат мандатите. Тогаш тие можат да дадат оставка, (слушам искрено да ви кажам дека нема ни да дојдат), не ми е тоа јасно особено во однос на граѓаните. Што значи, ако тие се откажат од мандатите до 123 од 89 имаме 34 празни.  Јасно е зошто го нема тоа во законот. Никој на светот не може да претпостави дека кога вие ќе добиете мандат, а добивате мандат од народот, дека ќе го вратите и затоа нема такви постапки, наведува Силјановска.

Мандат, појаснува, може да се врати во случај на болест, смрт или длабоко несогласување со партијата. Тогаш мандатот го добива следниот на листата, затоа е пропорционалниот систем. Ако и следниот се откаже – следниот, следниот....

Можно е, посочува, некои од носителите на мандати кои не се од СДСМ, да ги прифатат мандатите.

- Прашање е што со тие луѓе, бидејќи со нашиот Устав Собранието е претставничко тело на граѓаните, не на партиите. Дури и пратениците по Уставот одлучуваат по сопствено уверување, а не по партиското уверување. Значи, би можеле да очекуваме некои од тие луѓе да речат НЕ, мандатот е мој и ако сум на листа, јас ќе си влезам во Парламентот. Значи, треба да го почекаме овој момент. Можеби овие 89 ќе станат повеќе, изјави  Силјановска.

Се оди, додава, по листата да се види, по неколку партии од првиот, вториот, третиот, четвртиот, петтиот..., до дваесеттиот долу. Кога ќе се види колкава е таа точна бројка ќе се организираат дополнителни избори за тие испразнети мандати доколку на листите каде што се тие избрани нема пратеници кои го прифаќаат мандатот. 

Според Силјановска,  иако Парламентот може да работи со 89 пратеници, лошо би било да остане така заради граѓаните кои заслужуваат да си имаат свој претставник. - На дополнителните избори ако СДСМ не поднесе кандидатски листи, тогаш тоа наликува на она од 1994 година – на бојкот на изборите. Но, тогаш, пак, на повторените избори или на дополнителните сите други партии можат да предложат кандидати. Тоа е логиката на изборите. И тогаш нема да имаме ние вистинска опозиција. Ама тоа не е одговорно во секој случај, вели професор Силјановска.

Таа смета дека СДСМ нема да опстојат на ставот за непризнавање на изборниот процес и неприфаќање на мандатите затоа што, нагласува, тоа е катастрофа за партијата. - За демократијата да не зборуваме, ама и за самата партија и мислам дека ќе бараат преговори, ќе се вклучи како и секогаш меѓународната заедница, еве дури и ја бараат, ..., наведе Силјановска.

- Да сум јас како ВМРО-ДПМНЕ сега ќе им понудам да влезат во Влада, заради Албанците, и ќе го намалам тогаш нивното влијание со неколку ресори, како што направи Ангела Меркел. Мојот страв е дека сега се ќе се етнизира, се. Тогаш се знае кој добива на моќ – ДУИ, а уште ако влезе и ДПА на тоа додадете 7 мандати, наведува Силјановска. За неа се неприфатливи изјавите на портпаролот на ДУИ Бујар Османи дека победиле двете етнички заедници и тоа го оквалификува како речник на 17 или 19 век.

Во Конвенцијата за малцинства, вели Силјановска, е наведено дека од никого не може да се бара во изборниот процес да ја декларира својата етничка припадност, а ние имаме во Законот дека задолжително мора да ја декларираме и никому не му текнува да каже во извештајот на Венецијанска комисија и ОБСЕ/ОДИХР тоа го пишува. Зошто не го потсетат ОБСЕ сека така пишува, прашува Силјановска.

- Мандатот се добива од граѓаните. Која е партијата сега да биде судијата која ви кажува дали да го задржите или да го вратите. Кому? Кого консултира водството на СДСМ на 27 април? Никого. Сега, дури вчера чувме, Централниот одбор, ама и Централниот одбор е тело кое заседава меѓу двата конгреси, ај да речеме на конгрес, ама и на конгрес не се граѓаните, вели  професор Силјановска.

Генерално, додава, ситуацијата е уникатна, невообичаена, недемократска е, неполитичка е, партиократска е. - Значи, сега партијата го замени членството, ги замени граѓаните или ги негираше граѓаните оти видете 34 мандати е бројка за респект и да е паметен СДСМ нема да му дозволи на Бујар Османи и на ДУИ да викаат дека се победници во албанскиот блок. Да бидеме искрени ако ги гледате вие победниците, прво секогаш има само еден.  Има победник, ама вториот е СДСМ, третиот е дури ДУИ и тоа СДСМ има два и пол пати повеќе гласови. Тоа треба да го кажат, а не ова ако се одговорна партија. Не знам, веројатно политиката би требало малку порационална да биде, ама тоа не го гледаме, оценива  професор Гордана Силјановска.

02.05.2014 - 15:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега