Дождот не предизвика сериозни последици
Врнежите од дожд немаат предизвикано сериозни последици врз станбените и деловните објекти, земјоделските површини, патиштата и мостовите освен на некои поединечни места, информира Дирекцијата за заштита и спасување на Република Македонија (ДЗС).
Оттаму посочуваат дека подрачните одделенија на ДЗС континуирано ја следат состојбата и вршат увид во одредени потенцијални критични подрачја.
- Доколку има потреба ДЗС е подготвена да преземе соодветни мерки за заштита и спасување со ангажрање на тимовите за брз одговор и единиците за заштита и спасување од поплави, ставање во функционална употреба на пумпите за исцрпување на вода, обезбедување и поделба на вреќи за песок за правење одбранбени насипи, ангажирање на градежни машини за интервенции на речните корита, расчистување на тесните грла околу мостовите и слично, велат од ДЗС.
Во изминатиот период, посочуваат, имаше излевање на водите на реката Пчиња во Старо Нагоричане, во близина на меморијалниот комплекс и за таа намена дадени се 750 вреќи за песок со кои е направен одбранбен насип, а 1.500 вреќи за песок се дадени на општина Куманово за заштата на населбата Средорек.
Во општина Пробиштип имаше подигнување на подземните води во рудникот Добрево, каде е поставен дизел агрегат со капацитет од 3.000 литри во минута за исцрпување на водите при што ангажиран е уште еден дизел агрегат од страна Дирекцијата за заштита и спасување. Се очекува водата од рудникот да биде исцрпена до среда.
На патниот правец Пробиштип – Свети Николе извршен е увид на состојбата на мостот на река Киселица каде е констатирано дека просторот околу мостот е обраснат со трски при што механизација од општина Пробиштип го средува просторот. Мостот на реката не е загрозен и патниот правец е во функција.
Во општина Чешиново-Облешево имаше поплавување на дел од оризовите полиња. Со механизација ангажирана од општината се прави одбранбен насип.
Во општина Липково поплавена е земјоделска површина од околу 6-7 хектари, но водата е повлечена и состојбата не е загрозувачка.
- И во наредниот период Дирекцијата за заштита и спасување преку своите подрачни одделенија ќе ја следи состојбата и во зависност од потребата ќе презема и спроведува оперативни активности за заштита и спасување на населението и материјалните добра од евентуалните поплави, нагласуваат од ДЗС.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа