Митревски: Ќе работиме на унaпредување на работничките права

 

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска организира собир по повод 1 Мај - Денот на трудот. Претседателот на ССМ Живко Митревски им го честита празникот на работниците посочувајќи дека синдикатот и натаму ќе работи на унпаредување на нивните права.   

- ССМ како најмасовна синдикална организација е решен достојно да ги застапува работничките права  и интересите на работниците, да го унапредува работното законодавство и да го усогласува со она во ЕУ и со европските директиви, изјави Митревски.

 

Посочи дека од 2010 досега се донесени неколку важни закони, како што е Законот за минимална плата. 

 

- И ако ја направиме таа разлика од 2010 до сега 98,85 отсто ја зголемивме минималната плата. Имплементиравме 16 директиви на ЕУ во работното законодавство, осум конвенции на Меѓународната организација на трудот ги одбранивме во услови на најтешка економска и финансиска криза, трите основни столба, не дозволивме масовни отпуштања, намалување на платите зголемување на пензиската граница, туку ги зголемивме висините на платите, изјави Митревски. 

 

Се согласува дека 8.800 денари, колку што изнесува минималната плата, не се доволни да се мине месецот, но вели синдикатот постојано работи на унапредување на стандардот на работниците.- Кога дојдовме како ново раководство минималната плата беше 4.500 денари. Во тој случај ќе видите дека овозможивме со напорна работа 95,80 отсто зголемување на платите. Напорно ќе работиме, не остануваме на ваквите висини на минималната плата, рече Митревски. Не треба да се заборави, според него, дека ова зголемување на висината на минималната плата предизвика зголемување на висините на платите за најмалку 30 отсто со оглед на тоа што измените на колективните договори во гранските синдикати обезбедивме единицата на коефициент да се усогласува. 

 

Со потпишувањето на Општиот колективен договор за приватен сектор, посочи тој, вратен е и регресот за годишен одмор, право за 2014 година на сите работници во приватен сектор.  - Оваа година слично како и минатите продолжуваме со нашите заеднички активности да го потпишеме и општиот колективен договор за јавен сектор каде што ќе обезбедиме надоместоци за сите вработени во јавниот сектор, изјави претседателот на ССМ. 

 

Синдикатот оваа година ја реализира кампањата за безбедни и сигурни работни места. - Спремни сме како ССМ преку нашите барања за измени и дополнувања на Законот за безбедност и здравје при работа да ја подигнеме значајно одговорноста на сите субјекти во претпријатијата, да го подигнеме значењето на претседателот на ССМ и да му овозможиме со овие измени да биде контролор во делот на спроведувањето на сите мерки за безбедност, работодавачот ќе има обврска да го информира за сите видови на активности кои ги презема, изјави Митрески.

 

Намерата на ССМ е синдикалецот заедно со претставникот за безбедност и здравје и сто други претставници да обезбеди контрола на безбедноста и здравјето на работниците.

 

-Самиот факт што минатата година имавме 98 несреќи зборува дека ССМ оваа кампања ќе ја води заеднички со сите. Ги повикувам сите наши членови во претпријатијата активно да се вклучат се разбира и во јавниот сектор во обезбедување на ваквата позиција на синдикатите. Вториот сегмент на нашата кампања е нашата заложба да обезбедиме сигурни работни места. Се уште кризата не е завршена. Очекуваме дека ќе завршува, меѓутоа факт е дека синдикатите треба да работат на зачувување на работните места, изјави Митрески.  

 

Советот на ССМ на свечена седница ќе ја образложи иницијативата за измените и дополнувањата на Законот за безбедност и здравје при работа.

Не се согласува со констатцијата дека многу работнички права се скратени. - Нема да се сложам со ваквата констатација бидејќи ги имаме анализите. Во 2006 година над 38 отсто од работниците не примаат плата. Од 2010 година натаму имаше некаде до кај 4 отсто, оваа година обезбедивме заедно со инспекторите на Министерството за труд, последната анализа покажа дека само 1,2 отсто имаат проблеми со исплата на платите што тоа е значаен напредок од 38 отсто. Не се точни констатациите за намалување на правата, изјави првиот човек на ССМ. Потсетува дека во 2013 имаше пет измени на Законот за работни односи.

01.05.2014 - 12:33
Фото: 
kurir

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега