Градоначлникот на Харков преживеа атентат
Прорускиот градоначалник на украинскиот град Харков, Генадиј Кернес, вчера беше тешко ранет во обид за атентат врз него, јави ИТАР-ТАСС. Во соопштение на градскиот совет на Харков се појаснува дека лекарите се борат за животот на Кернес, кој бил застрелан во грбот. Извршителите на нападот засега се непознати.
Претходната ноќ во Харков беа уапсени 13 приврзаници на идејата за федерализација на Украина. Тие се приведени на централниот плоштад на источниот украински град. Според власта, проруските сепаратисти илегално поставиле шатори и ограда од дрва и песок на харковскиот плоштад Слобода". Завчера на централниот плоштад во Харков неколку стотици лица се собраа со барање за спроведување референдум за федерализација на Украина. Демонстрантите изразија солидарност со другите југоисточни региони во Украина, кои не ја признаваат новата власт во Киев.
Во меѓувреме, проруските активисти во градот Луганск на истокот од Украина вчера прогласија народна република и му поставија ултиматум на Киев. Тие од централната украинска власт бараат амнестија за сите учесници во протестното движење на истокот од Украина, признавање на рускиот јазик како државен и одржување референдум за самоопределување на регионите, пренесе Глас на Русија". Доколку до денес нивните барања не бидат исполнети, активистите ветија дека ќе преземат активни мерки".
Вооружените сепаратисти кои го зазедоа седиштето на полицијата во градот Константиновка вчера успеаја да преземат контрола и врз зградата на градската администрација, соопшти портпаролот на регионалната администрација на Доњецк. Мислам дека нивните барања се вообичаени, исти како и во другите градови, сценариото не се менува: референдум и федерален систем на владеење", изјави портпаролот Илија Суздалиев, пренесе агенцијата Ројтерс. Константиновка е град со околу 100 илјади жители на северот од Доњецката област.
Тензиите во источна Украина ги крена и киднапирањето на тимот меѓународни набљудувачи во Украина. Претседавачот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и швајцарски претседател, Дидие Буркхалтер, го осуди овој атак и нагласи дека ОБСЕ работи на сите нивоа" за нивно ослободување. Преговарачите на ОБСЕ успеаја завчера да ослободат само еден од осуммината инспектори на организацијата, кои како воени заробеници" ги држат проруските сепаратисти. Буркхалтер изјави дека притворањето на невооружените инспектори и нивните домаќини од украинското Министерство за одбрана е неприфатливо" и оти безбедноста на сите меѓународни набљудувачи во земјата мора да биде гарантирана и обезбедена". Портпаролот на сепаратистите изјави дека шведскиот набљудувач е ослободен прв бидејќи боледува од дијабетис, а другите седуммина набљудувачи од Германија, Полска, Чешка и од Данска и четворица украински офицери ќе бидат предмет на преговори.
Како притисок врз Русија, за која сметаат дека ги потпомага источноукраинските сепаратист, американскиот претседател, Барак Обама, изјави дека САД ќе објават нови санкции против Русија, насочени кон поединци и компании блиски до рускиот претседател Владимир Путин, а исто така, најави нови рестрикции на извозот на високотехнолошки производи неопходни за руската воена индустрија.
И Советот на ЕУ на ниво на амбасадори најави дека ќе донесе одлука за проширување на списокот со имиња на руски државјани во рамките на т.н. втора етапа од санкции кон Русија, што предвидува забрана за влез во ЕУ и замрзнување на банкарските сметки на територијата на земјите-членки на Унијата. Се очекува на црниот список" да бидат вклучени уште 10 до 15 имиња, по одлуката во петокот на земјите од Г-7 да не се одолжува воведувањето нови ограничувачки мерки против Русија поради нејзиното мешање во Украина. Амбасадорите ќе направат обид да постигнат консензус за воведување трговски и економски санкции кон Русија, за што засега нема општа согласност меѓу земјите-членки на Унијата.
Филе: Меѓународната заедница ја потцени Русија
Меѓународната заедница, според европскиот комесар Штефан Филе, ја потцени Русија кога претседателот Владимир Путин во минатото го означи распаѓањето на поранешниот Советски Сојуз како најголема катастрофа на 20 век или кога ја нарече Украина вештачка држава".
Ова претставникот на ЕУ го изјави на Конференцијата за иднината на заедничката безбедност, која се одржа вчера во чешкиот Парламент.
- Русија ја потценија земјите-членки, институциите на ЕУ, ја потценија нашите сојузници - рече Филе, кој неодамна кризата околу Украина ја означи за една од најсериозните во Европа од 1945 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа