ДИК: ВМРО-ДПМНЕ освои 61 пратеник, СДСМ 34, ДУИ 19, ГРОМ и НДП по еден

 

На вчерашните предвремени парламентарни избори во Македонија ВМРО-ДПМНЕ освоила 61 мандат, СДСМ 34, ДУИ 19, ДПА 7, а коалицијата ГРОМ и НДП по 1 пратеник. На претседателските избори, пак, за Ѓорге Иванов гласале 534.699 граѓани, додека за кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски 398.050 гласачи.

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на прес-конференција ги соопшти првичните резултати од вчерашните двојни избори во Македонија.

Досега до Комисијата не е пристигнат ниту еден приговор за постапката за гласање или, пак, за сумирањето на резултатите. Роковите течат и завршуваат за постапката за гласање утре во 19 часот, а за сумирањето на резултатите утревечер на полноќ.

Претседателот на ДИК Никола Рилковски не сакаше да ја коментира политичката одлука на СДСМ за непризнавање на изборите, ниту, пак, да прецизира што ќе се случи доколку кандидатите на оваа политичка партија и коалицијата ги вратат нивните мандати.

- Дозволете ДИК да не навлегува во оваа ситуација. Како ќе налага Законот така ќе постапуваме, изјави Рилковски.

Од 100 отсто обработени податоци од записниците за гласање во Република Македонија и дијаспората од вкупно 1.779.572 избирачи запишани во Избирачкиот список за претседателските избори на гласање излегле 967.434 односно 54,36 отсто. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ Ѓорге Иванов освоил 534.699 гласови, односно 55,27 отсто, додека неговиот противкандидат од СДСМ Стево Пендаровски 398.050 гласови или во проценти изразено 41,14.

За предвремените парламентарни избори од вкупно 1.780.128 запишани гласачи во избирачкиот список своето право на глас го искористиле 1.140.202, односно 64,05 отсто, ВМРО-ДПМНЕ освоил 481.298 гласови односно 42,21 отсто, СДСМ 283.930 – 24,90 отсто, ДУИ 153.583 – 13,47 и ДПА 66.392 гласа односно 5,82 отсто од вкупно излезените на гласање.

Рилковски посочи дека според симулација на кандидати што ја направила ДИК, ВМРО-ДПМНЕ има освоено 61 пратеник, вклучувајќи ги и тројцата од дијаспората, СДСМ 34, ДУИ 19, ДПА 7, ГРОМ 1 и НДП 1.

Бројот на неважечки ливчиња за претседателските избори изнесува 34.703, додека за предвремените парламентарни избори 37.636.

Рилковски рече дека Комисијата има добиено забелешки од невладината Цивил кои, како што рече, се од информативен карактер и потенцираше дека Комисијата ќе ги разгледа, но оти ќе одлучува само по пристигнати приговори од овластените претставници на политичките партии.

Исто така напомена дека до ДИК не се пристигнати се уште записниците од едно ДКП од Њујорк, но дека резултатите од гласачко место апсолутно немаат влијание на изборниот резултат. 

28.04.2014 - 15:39
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега