„Рејтинг“ ги предвиде резултатите од изборите но не ги објави
Агенцијата „Рејтинг“ на Ѓорги Спасов ги предвиде резултатите од вчерашните предвремени парламетарни и вториот круг од претседателските избори, но истите не ги објави.
Алсат-М денеска објави анкета на Агенцијата „Рејтинг“, чии прогнози за разлика од првиот круг од претседателските избори, во голема мера кореспондираат со резултатите од Државната изборна комисија, но останува нејасно зошто „Рејтинг“ не се реши овие резултати да и ги претстави на јавноста во пресрет на изборите.
Инаку, за разлика од катастрофалното промашување во првиот круг од претседателските избори, „Рејтинг“ сега прогнозираше дека Ѓорге Иванов во вториот круг ќе освои 57,1 отсто, а според резултатите од ДИК тој освои 57,2 проценти. За Стево Пендаровски, предвидувањето беше дека тој ќе освои 42,9 отсто, а резултатите од ДИК покажуваат дека опозицискиот кандидат освои 42,8%, додека за парламентарната трка, „Рејтинг“ предвиде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 43%, СДСМ – 29,6 отсто, ДУИ – 12,3 проценти, ДПА – 5,9%, ГРОМ – 2,8% и НДП дека ќе освои 1,9 отсто од гласовите. Податоците од ДИК покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ освои 44,3%, СДСМ доби поддршка од 26,4%, ДУИ – 14,0 проценти, ДПА освои 6,2% од гласовите, ГРОМ – 3,0%, а НДП доби 1,6 отсто.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа