Груевски-Ахметов: Македонија и Казахстан ќе ја интензивираат економската соработка
Македонија и Казахстан немаат отворени прашања, имаат добри политички односи, кои треба да ги следи поинтензивна економска соработка. Ова го констатираа на денешната билатерална средба во Астана македонскиот премиер Никола Груевски и премиерот на Република Казахстан, Серик Ахметов.
Како што соопшти владината прес-служба, посетата на македонскиот премиер на Казахстан и неговото учество на глобалниот Економски форум „Астана 2013“ е израз на заедничкиот интерес и подготвеност за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на билатералната соработка во областите од заемен интерес.
- Целта на моето доаѓање во Атана беше прво да се сретнам со властите на Казахстан и да ги зацврстам односите со нив и второ да ја презентирам Македонија како можна бизнис дестинација пред голем број посетители кои што присуствуваа на моето излагање, изјави премиерот Груевски.
Во таа насока тој посочи дека во наредниот период ќе биде отворена македонска амбасада во Казахстан и ќе биде назначен инвестициски промотор на Република Македонија, кој ќе има задача да ги промовира инвестициските капацитети на државата и да оствари економска соработка со бизнис заедницата на Казахстан.
Премиерот Груевски додаде дека двете земји веќе имаат потпишано неколку договори и оти следува ратификација во казахстанскиот парламент. - Разговаравме и за други работи за нашата намера за отворање амбасада тука во Казахстан, испраќање економски промотор следната година односно инвестициски промотор, за либерализација на визниот режим и за посилно присуство на бизнисмените од Казахстан во Македонија, односно инвестирање во Македонија како порта на Европа, како порта преку која што ќе можат да ги пласираат своите производи во Европа, рече македонскиот премиер.
Шефот на македонската Влада оствари средби и со други претставници на ОН, на различни афилации на ОН, како и претставници на компании.
- Станува збор за прилично значаен форум и добра можност за комуникација со многу луѓе, како и за презентација на Македонија, пред се, како бизнис дестинација за инвестирање во Европа, оцени премиерот Груевски.
Македонскиот премиер ја истакна важноста на геостратешката позиција на Казахстан во Централна Азија, за интензивирање на редовната комуникација меѓу двете земји, поздравувајќи ја политиката и напорите за отвореност на Казахстан за постигнување поголемо запознавање на двата народи, желбата за економска соработка и подготвеноста да се дискутира за економски важните области.
Од страна на премиерот Груевски на политички план беше истакнато дека почестите контакти и размената на делегации од двете земји на различни нивоа се еден од начините да се разменат непосредни информации од различни области на заемен интерес и да се овозможи олеснување и интензивирање на заедничката соработка.
Шефот на македонската Влада го информираше казахстанскиот премиер за стратешките определби и приоритети во надворешната политика на Република Македонија во контекст на ЕУ и НАТО интеграциите.
Груевски ја истакна важноста за воспоставување ефикасна правна рамка за регулирање на политичко-економските односи помеѓу земјите, особено на полето на економијата. Токму таа волја во 2012 година резултираше со склучување на Договорот за одбегнување на двојното оданочување, Договорот за заемна заштита на инвестициите и Договорот за трговска и економска соработка што овозможи солидна рамка за развој на економските односи меѓу двете држави. Премиерот Груевски истакна дека овие договори се ратификувани од македонската страна и дека истото се очекува да биде направено од страна на Република Казахстан што ќе влијае на создавање добра основа за продлабочување на соработката меѓу двете држави.
Груевски ги нагласи реформите и добрите услови што Република Македонија ги овозможува на странските инвеститори, а кои државата ја прават атрактивна за инвестирање и потенцијална бизнис дестинација за многу заинтересирани инвеститори.
Во Република Македонија, како што посочи Груевски, добредојдени се казахстанските инвеститори кои се заинтересирани за зголемување и проширување на инвестициските можности.
Груевски во оваа прилика го покани Ахметов на возвратна посета на Република Македонија.
Премиерот Ахметов го поздрави интензивирањето на меѓусебните односи, истакнувајќи дека Казахстан е заинтересиран за продлабочување на пријателските односи со Македонија. Тој истакна дека Република Казахстан има интерес за насочување на економските инвестициски активности на европскиот пазар, во кој составен дел е и Република Македонија.
Премиерот на Казахстан искажа благодарност до премиерот Груевски за посетата на неговата држава, како и неговото учество на економскиот форум кој претставува добра можност за промоција и запознавање на економските капацитети и потенцијали на државите и добра шанса за унапредување на економската соработка, како и споделување на различните гледишта и искуствата околу глобалните економски предизвици.
Премиерот Ахметов истакна дека овие денови во Казахстан се присутни претставници на силни и големи компании, стопанственици и менаџери посочувајќи дека тоа е добра подлога за остварување соработка и развој на меѓусебните односи.
Премиерот на Казахстан посочи дека светот го сочинуваа сите држави, големи и мали, кои се развиваат и придонесуваат за економската стабилност. На тој план Балканот како регион е важен за Република Казахстан, вклучувајќи ја и Република Македонија како пријателска држава и партнер на Казахстан.
За време на престојот во Астана, премиерот Груевски оствари и работен ручек со претседателот на Република Казахстан, Нурсултан Назарбаев.
Двајцата соговорници го поздравија интензивирањето на меѓусебните контакти, посочувајќи дека тоа ќе биде во функција на отпочнување и развој на интензивен дијалог помеѓу двете страни и подинамична соработка помеѓу земјите особено на економско ниво.
Премиерот Груевски го потенцираше интересот за зајакнување на економската соработка, потребата за економска и трговска размена, како и иницирање на инвестициските активности меѓу двете држави.
Шефот на македонската Влада нагласи дека двете пријателски држави треба да продолжат да градат солидна клима за унапредување на економската соработка.
Претседателот на Република Казахстан пројави интерес за унапредување на соработката и на државно ниво и на полето на приватната иницијатива помеѓу компаниите од двете земји.
Назарбаев, како што стои во соопштението од владината прес-служба, изрази задоволство од учеството на премиерот Груевски на Економскиот форум „Астана 2013“, посочувајќи дека тоа позитивно влијае за зацврстување на пријателските односи меѓу двете држави.
ФОТО: МИА