ГРОМ се уште се надева на пратеник - еве колку гласови им фалат
Претседателот на Граѓанска опција за Македонија и лидер на коалицијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски, повторно се обрати пред симпатизерите и членовите на партијата за резултатите од предвремените парламентарни избори.
- Досега се обработени 70 проценти од гласачките ливчиња и, според податоците, ГРОМ и понатаму се бори за пратеник во изборната единица 1, 2 и во изборната единица 4. Значи, останува да видиме дали ГРОМ ќе стане парламентарна партија. Во секој случај, јас сакам уште еднаш да ѝ честитам на ВМРО-ДПМНЕ на победата. ГРОМ ги оценува овие избори како фер и демократски и од ниту еден изборен штаб на Граѓанската опција за Македонија денеска не е утврдена каква било неправилност во текот на изборите и надвор од гласачките места – изјави лидерот на ГРОМ на конференцијата за медиуми.
На новинарско прашање уште колку гласови ѝ се потребни на ГРОМ за да освои пратеничко место во новиот парламентарен состав, Јакимовски одговори дека се потребни меѓу 500 и 700 гласови, но дека се очекува финализирање на процесот на пребројување на гласовите на сите избирачки места.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа