Иванов: Животот на светите Кирил и Методиј зборува за нескршливоста на човечкиот дух
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов упати честитка по повод 24 Мај - Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.
- Светите Кирил и Методиј со своето дело вечно ги задолжија сите словенски народи и, воопшто, европската и светската култура и цивилизација. Она за што тие се залагаа и напорно работеа, уште во средниот век - рамноправност на јазиците и народите и еднаков пристап до образованието и науката, за сите се основни постулати врз кои денес почива меѓународниот поредок и човечката цивилизација, пишува претседателот Иванов.
- И оваа година македонската држава, оддавајќи почит и славејќи го великото дело на свети Кирил и Методиј, ја промовира и афирмира културната и јазична разноличност, образованието и науката, духовноста и етичноста. Животописот на светите браќа сведочи за големината на човековата верба и истрајност, за непобедливоста на правичноста и нескршливоста на човечкиот дух. Нивниот светол пример и натаму нека ни биде поткрепа да истраеме во зачувувањето на нашиот национален, јазичен и културен идентитет, стои во честитката на Иванов по повод Денот на сесловенските просветители.