Лазаров со Барса обезбеди пласман во „Фајнл фор“

Нашиот најдобар ракометен играч капитенот Кирил Лазаров успеа да оствари пласман во полуфиналето од ЛШ откако синоќа Барселона успеа да го совлада Рајн Ловен Некер со 31:24. 

На тој начин „каталонците“ анулираа предноста на Германците од првиот дуел (38:31), а поради повеќе постигнати голови на гостински терен, Барселона ќе игра на завршниот турнир.

Македонскиот репрезентативец во победата учествуваше со два погодока. 
 
Она што не му успеа минатата година во дресот на Атлетико Мадрид, Кирил Лазаров го реализираше оваа година во дресот на Барселона. За него ова ќе биде петто полуфинале во ЛШ.
 
Тој за првпат беше во четирите најдобри како играч на Сиудад Реал во сезоната 2010/11, кога го загуби финалето од Барселона. Следната 2011/12 во дресот на Атлетико во полуфиналето Лазаров постигна 11 голови против Копенхаген во победата од 25:23. Подоцна во финалето Атлетико Мадрид загуби од Кил со 26:21. 
 
Пред да биде воведен „Фајнл фор“ турнирот, Лазаров во дресот на Фотекс Веспрем стигна до полуфиналето во сезоната 2002/03 и беше елиминиран од Портланд Сан Антонио со пораз од 28:20 во Памплона и победа од 30:26 во Унгарија.
 
Против истиот противник полуфинале Веспрем и Лазаров играа и во сезоната 2005/06. Унгарците славеа со 29:27 во првиот натпревар на домашен терен, но во Шпанија беше 32:29 и за малу  побегна финалето.
 
На завршниот турнир во Келн, покрај Барселона ќе играат Фленсбург, Веспрем и најверојатно Кил кој денеска против нашиот Металург го игра реваншот во четвртфиналето, а по првиот дуел во Скопје има големи 10 голови предност – 31:21.

27.04.2014 - 09:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега