На гласање само еднаш

Граѓаните денеска можат само еднаш да го посетат избирачкото место и да го остварат правото на глас за вториот круг од претседателските избори и за предвремените парламентарни избори.

Според укажувањето на Државната изборна комисија (ДИК), членовите на избирачките одбори се должни да му укажат на избирачот дека може да гласа за двата или само за едниот вид избори и оти подоцна нема да може дополнително да се врати на гласачкото место и да гласа, доколку претходно се определил да гласа само за еден вид избори. Овој пат избирачите ќе бидат обележувани со маркер на левиот палец во делот од средината на палецот по ивицата на подноктицата и ноктот од палецот поради забелешките дека може да се забележува обележувањето на десниот палец од изборите на 13 април.

Гласањето почнува во 7 часот и ќе трае непрекинато до 19 часот. По затворањето на гласачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Кога гласачот ќе дојде во избирачкото место да гласа, според инструкциите на ДИК, членовите на избирачките одбори најнапред треба да проверат дали тој има белег од видливо мастило за обележување на гласачи на левиот палец. Потоа следува проверка на биометриските документи за лична идентификација на гласачот по што членовите на ИО треба да му укажат на гласачот дека може да гласа за двата или само за едниот вид избори. Потоа се проверува дали тој е запишан во изводите на единствениот Избирачки список за претседателските избори и за предвремените парламентарни избори, по што му се издаваат гласачките ливчиња и се обележува со видливото мастило на левиот палец. Избирачот кој нема да дозволи да биде обележан со видливо мастило нема да може да го оствари правото на глас.

Гласањето е тајно и лично и се врши зад параваните за гласање и тоа исклучиво со хемиско пенкало во сина боја.  Се гласа со заокружување на редниот број пред името на кандидатот за претседател и на листата на кандидати за пратеници. 

За важечко гласачко ливче се смета она од кое на сигурен и недвосмислен начин може да се утврди за кој кандидати избирачот гласал.  

Гласањето за друго лице е забрането, освен во случаите предвидени со Изборниот законик. Избирачот кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Законикот, со себе има право да повика лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако избирачот не доведе со себе лице кое ќе му помогне при гласањето, тогаш Избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на избирачите. Лицето кое ќе му помага на друго лице при гласањето не смее да биде од редот на членовите на избирачкиот одбор, претставниците на подносителите на листите или од редот на набљудувачите. Ова лице не смее да влијае врз одлуката на избирачот, а при гласањето може да помогне најмногу на двајца избирачи кои се со физички недостаток или се неписмени. Овој начин на гласање се забележува во записникот.

Семејното и групното гласање и гласањето во име на друг во Република Македонија се забранети. Забраната за семејно и групно гласање и гласање во име на друг се однесува на забрана едно лице да гласа за друго/други лица, забрана еден член од семејството, зад гласачкиот параван да им покажува на останатите членови како и за кого да гласаат и забрана двајца, група или цело семејство да гласаат заедно зад гласачкиот параван и слично. Против член на Избирачки одбор кој овозможил односно не спречил семејно гласање ќе се поведе дисциплинска постапка со санкција-престанок на работниот однос, прекршочна постапка со можност за санкција-глоба од 500 до 1.500 евра или кривична постапка со санкција затвор од најмалку 5 години. Против лице кое учествува во семејно гласање може да се поднесе прекршочна пријава, кривична пријава, а Изборниот законик го предвидува семејното гласање и како основ за поништување на гласањето во избирачкото место.  

Во гласачкото место се забранува фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање. Овластените претставници на подносителите на листите, набљудувачите и гласачите на денот на гласањето на гласачките места не смеат да користат мобилен телефон, апарат или други средства за сликање на гласачкото ливче. Избирачкиот одбор може да го отстрани од гласачкото место секое лице кое не се придржува кон оваа забрана. 

Никој не смее да дојде на гласачкото место вооружен, освен полицијата. Полицијата влегува на гласачкото место само во случаите кога е повикана од Избирачкиот одбор и кога ќе забележи сериозно нарушување на редот и мирот.

27.04.2014 - 08:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега