Во Брисел до 14 часот гласаа 30 отсто од македонските државјани

Стивна излезноста во избирачкото место 5.003 во Брисел, во рамки на Седмата изборна единица (Европа). Според информациите на МИА, досега гласале само околу 30 проценти од регистрираните 777  гласачи во Кралството Белгија.

По редовното отворање на гласањето во 7 часот, за три часа на гласање излегоа повеќе од 100 македонски државјани. Од речиси 800 македонски државјани за гласање за парламентарните, само 98 од нив се пријавени за претседателските избори.

Членот на Избирачкиот одбор Душко Симјаноски вели дека досега изборите се одвиваат во извонредна и европска атмосфера.

- Во Дипломатско-конзуларното претставништво (ДКП) во Брисел се одвива втор круг на претседателски избори и предвремени парламентарни избори кои минуваат во фер и демократска атмосфера. Имаме типично европски избори што и наликуваат на Република Македонија. Од вкупно запишани 98 избирачи за претседателските избори, до 14 часот гласаа над 60 гласачи, додека за парламентарните избори, од вкупно запишани 777 гласачи, излезеноста досега е 264 лица. Во текот на денот продолжуваме со избирачкиот процес и очекуваме да продолжи на идентичен начин во фер и дмеократска атмосфера, вели Симјаноски, пренесува МИА.

Македонските иселеници во белгиското Кралство, пишува МИА, биле воодушевени од можноста и тие со нивниот глас да влијаат на судбината на својата татковина. Некои од нив побарале и да не бидат заборавени од своите сограѓани.

- Денеска во амбасадата во Брисел гласам со цел и желба нашата држава да напредува. Мојата желба е младите да напредуваат, да имаат пристојно место и држава за живеење и работни места, преку изградба на фабрики. Ја поздравувам Република Македонија и нашиот народ со порака да не заборават на нас иселениците во Белгија и од другите прекуокеански земји и ги замолувам да мислат и на нас, изјави на Луба Масалковска, пензионерка од Брисел.

Единствениот проблем на денешното гласање во Брисел е што околу 70-тина македонски државјани, иако се пријавиле, поради различни пропусти при поднесувањето на пријавата за гласање, од Државната изборна комисија не биле заведени во избирачкиот список, па иако се појавиле на гласачкото место, тие не можеле да го остварат гласачкото право. 

26.04.2014 - 15:34
Фото: 
Правдико

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега