Во овие села утре на гласање ќе може да се оди само со џип

Општинската изборна комисија во руралната општина Карбинци се подготвува утре членовите на избирачките места да ги транспортира со џипови, доколку заглават во кал напомош треба да им пристигнат и трактори со салји, со цел навреме да се отворат три избирачки места на планината Плачковица.

Претседателот на ОИК-Карбинци Делчо Стоилов изјави дека  постојаните врнежи од дожд во овој регион ги направија непристапни земјените патишта до три планински села.

- Тоа се избирачките места 2327 во Голем Габер, 2323 Руљак и 2330 во Оџалија. За селото Оџалија делумно е асфалтиран патот, делумно е земјен коловоз, додека за Руљак и за Голем Габер е земјен коловоз, нема ниту интервенирано за поправки и одржување на овие две места, рече Стоилов.

Во општина Карбинци денеска гласаа 23, а во Штип 217 болни и изнемоштени лица. Во Затвор Штип гласањето се одвива без проблеми, право на глас имаат 164 осуденици. Во раните утрински часови е забележана голема излезеност на затворениците кои имаат право на глас и кои се евидентирани во избирачкиот список.

Заменик-претседателот на Избирачкиот одбор во Затвор-Штип, Влатко Конев, изјави дека до 12 часот гласале 106 осуденици.

Во 13 општини во источна Македонија, од Лозово до малешевско-пијанечкиот регион, право на глас имаат 162.403 гласачи, а на списокот за иселени регистрирани се 8.818 лица. Во овие општини има вкупно 373 избирачки места

26.04.2014 - 15:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега