Топаловски се криел како Литванецот Ареи
Министерството за внатрешни работи, доцна синоќа успешно ја заврши екстрадицијата на Ѓорѓи Топаловски од Скопје, осомничен за двојно убиство сторено во 2007 година. Без никакви инциденти или проблеми бил преземен од шпанските власти и доцна синоќа доведен на скопскиот аеродром „Александар велики“ од каде со засилено полициско обезбедување бил спроведен во Истражниот затвор Скопје.
Со неговото спроведување во затворот, практично заврши и последната фаза од процедурата на екстрадиција која беше отпочната во август 2012 година.
-Имено, МВР на Република Македонија, преку Секторот за меѓународна полициска соработка – ИНТЕРПОЛ Скопје, на 08.08.2012 година преку ИНТЕРПОЛ Санто Доминго – Доминиканска Република беше известено дека во Доминиканската Република е откриено лице кое се бара по меѓународна потерница за извршено кривично дело „убиство“. Според тогашните информации, истиот престојувал со Литванска патна исправа на име Ареи Аргеад. Во дописот Доминиканската полиција се интересираше дали е сеуште активна меѓународната потерница и по добивање на потврден одговор од МВР, лицето беше депортирано во Мадрид, каде од страна на Шпанската полиција истото е лишено од слобода. Веднаш беше остварен контакт со ИНТЕРПОЛ– Мадрид и отпочната постапка за утврдување на неговиот идентитет. Во врска со тоа на 09.08.2012 година од страна на МВР беше известено и Министерството за правда на Република Македонија за да истото отпочне со постапка за негова екстрадиција, стои во денешното соопштение од МВР.
Инаку, по 40 годишниот скопјанец Ѓорѓи Топаловски, врз основа на Наредба од Основен суд Скопје – 1 имаше распишано меѓународна потерница во декември 2007 година. Истиот се бараше бидејќи на 22.11.2007 година на булевар „Илинден“ во Скопје, во близина на Зоолошката градина пред цвеќара „Грин планет“ со употреба на огнено оружје ги лиши од живот лицата Новица Благоевиќ (30) и Андреј Филип (34), двајцата од Скопје, откако претходно тие физички го нападнале. Откако ги убил, Топаловски со патничко возило се оддалечил од местото на настанот. Во гаража од зграда во скопската населба Карпош, полицијата го пронајде неговиот автомобил марка “Цитроен Ц4“. Во цитроенот беше пронајден пиштолот со кој Топаловски ги убил Благојевиќ и Филип.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа