Дипломатскиот кор повика на фер, мирни и слободни избори

Амбасадорите на Германија, Велика Британија и Швајцарија, Гудрун Штајнакер, Кристофер Ивон и Стефано Лазарото, денеска повикаа на фер, мирни и слободни избори на вториот круг претседателски и предвремените парламентарни избори.

Амбасадорката Штајнакер на денешната прес-конференција на Граѓанската асоцијација МОСТ, апелираше утре граѓаните да излезат на гласање и да го искористат правото загарантирано со Уставот да гласаат за избор на Претседател и на Влада на РМ.  

- Вашата одлука донесете ја слободно и независно. Гласајте за претседателот за кој сметате дека најдобро ќе ја претставува вашата земја и гласајте за партијата за која вие и само вие самите сметате дека е најдобра за да владее со вашата земја. Не дозволувајте ниту поединци, ниту некоја организација да влијае врз донесувањето на вашата одлука. Вашата иднина е ставена на коцка и вашата одлука решава за иднината на вашата земја, рече германската амбасадорка.

Британскиот амбасадор, Кристофер Ивон истакна дека меѓународната оценка за спроведените избори е од суштинско значење за Македонија како земја-кандидат за членство во Европската унија.  

- Изборните процеси се извонредна можност да се преоцени подготвеноста на земјата да стане членка на ЕУ. Сметам дека меѓународната, како и домашната оценка за изборите по нивното завршување, ќе биде од суштинско значење. Доколку се добие позитивна меѓународна оценка за изборите, тоа ќе го потенцира кандидатскиот статус на Република Македонија и дополнително ќе ја демонстрира подготвеноста на земјата да ги започне преговорите за пристапување во Унијата. Затоа Обединетото Кралство би сакало да види што е можно подобро и позитивно оценети избори, рече Ивон, потенцирајќи дека е важна и одговорноста во постизборниот период и почитување на институциите на дражавата. 

И Лазарото ги повика граѓаните да го искористат своето право на глас.

- Очекуваме да видиме слободни и фер избори и цврсто сум уверен дека нашата поддршка на МОСТ и на остатанатите невладини организации што се вклучени во процесот ќе помогне да се постигне таа цел. На сите граѓани на Македонија им посакувам мирни, слободни и пријатни избори, бидејќи на гласањето треба да се гледа како на задоволство, барем така е во Швајцарија. Потребен е и цврст политички дијалог во постизборниот период, истакнаЛазарото.

Извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов информираше дека изборите ќе ги следат со 1.712 свои набљудувачи на ист број избирачки места во сите општини и изборни единици во РМ. Со нив МОСТ ќе покрие 50 проценти од вкупниот број избирачки места.

- Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и 84 мобилни тимови со по два набљудувача кои ќе бидат логистика на статичните и повремено ќе ги покриваат местата каде што МОСТ нема свои набљудувачи, истакна Алексов.

МОСТ го набљудува и денешното гласање на болни и немоќни, внатрешно раселени и на лицата во затвор или куќен притвор. Набљудувачите на МОСТ се облечени во жолти маички со лого на асоцијацијата. Граѓаните можат да пријават неправилности на бесплатна телефонска линија на МОСТ, 080 080 080.

26.04.2014 - 13:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега