Г-7 подготвува поостри санкции за Русија

Земјите од таканаречената Г-7 група на држави со најсилни економии во светот, утринава излегоа со соопштение во кое соопштуваат дека Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија, САД и Европската унија ќе воведат нови, поостри санкции кон Русија, поради тоа што, според нив, Русите не придонеле за деескалација на настаните на источниот дел од Украина.

Сепак, пишува МИА, Г-7 уште еднаш ја повика Руската Федерација заеднички да ги смират настаните во поранешната советска република, за успешно спроведување на изборите за нов украински претседател на 25 мај.

- Ние, лидерите на Канада, на Франција, на Германија, на Италија, на Јапонија, на Велика Британија, на Соединетите Американски Држави, претседателот на Европскиот совет и претседателот на Европската Комисија, заеднички ја изразуваме нашата длабока загриженост во врска со континуираните напори од страна на сепаратистите поддржани од Русија да ја дестабилизираат источна Украина и нашата посветеност за преземање понатамошни чекори за да се обезбеди мирна и стабилна средина за претседателските избори на 25 мај, се наведува во почетокот на соопштението на Г-7 групата.

Понатаму, предводниците на најсилните економски држави ги поздравуваат превземените позитивни чекори од страна на Украина да ги исполни своите обврски во рамките на договорот од Женева, постигнат на 17 април од страна на Украина, Русија, Европската унија и САД.

Овие активности, според соопштението, вклучуваат работа за воспоставување на уставни реформи и децентрализација, предлагање закон за амнестија за оние кои мирно ќе ги напуштат окупираните згради во источна Украина и поддршка на работата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Исто така, се наведува дека Владата на Украина постапила со воздржаност во справувањето со вооружените групи што нелегално ги окупирале владините згради и формирале нелегални контролни пунктови.

- Спротивно на тоа, Русија не презема конкретни дејствија за поддршка на договорот од Женева. Оваа земја, јавно не го поддржа договорот, ниту пак ги осуди актите на про-сепаратистите што бараат да се дестабилизира Украина, ниту пак ги повика вооружените милитанти мирно да ги напушти владините згради што ги окупираа и да го положат оружјето. Наместо тоа, Русија продолжи да ескалира со тензиите со засилување на реториката и тековните заканувачки воени маневри на границата на Украина,  се вели во соопштението на Г-7.

За таа цел, овие држави ја повторија својата силна осуда за нелегалниот обид на Русија да ги припои Крим и Севастопољ, што тие не го признаваат и за таа цел истакнаа:

- Затоа, сега ќе превземеме целосно правни и практични последици од оваа нелегална анексија, вклучувајќи, но не ограничувајќи се само на економските, трговските и финансиски области. Ние се договоривме дека ние ќе се движиме брзо да воведеме дополнителни санкции против Русија. Имајќи ја предвид итноста на обезбедување на можност за успешно, мирно и демократско гласање следниот месец на претседателските избори во Украина, ние се залагаме итно да интензивираат насочените санкции и мерки за зголемување на трошоците на дејствијата на Русија, се наведува во соопштението на Г-7.

На крајот од заедничката изјава на лидерите на државите со најсилни економии, се истакнува дека акциите на Русија во Украина и одговорот од меѓународната заедница веќе довеле до значителни трошоци за руската економија. Сепак, тие додаваат дека, додека продолжуваат да се подготвуваат да се превземат пошироки, координирани санкции, вклучувајќи и налог за воведување на секторски мерки, според превземените обврски на состанокот во Хаг на 24 март, тие повторно истакнуваат дека „вратата останува отворена за дипломатско решение на оваа криза, врз основа на Женевскиот договор и затоа ја повикуваме Русија да ни се придружи на тој пат“. 

МИА

26.04.2014 - 11:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега