Завршен митинг на ДПА во Тетово

Со митинг на градскиот плоштад во Тетово ДПА ја заврши својата предизиборна кампања за предвремените парламентарни избори.

Претседателот на ДПА Мендух Тачи кој е носител на листата за пратеници од оваа партија за Шестата изборна единица ја побара подршката од присутните за да влезат во владата и да ги оставрат ветувањата за пропрционалана распределба на буџетот, соодветна застапеност на Албанците во јавната администрација и албанскиот како службен јазик во институциите на системот.

- Ова е голема борба помеѓу белото и црното, оние со бел и со црн образ, оние кои се повикуваат на Скендербег и Арбен Џафери и оние кои се повикуваат на цар Душан. Сите заедно покажавме голем ангажман и волја да работиме за идејата на Арбен Џафери, рече Тачи.

На 13 април, како што додаде, се судриле со закани и препреки но опстојале. - Пред нас претстои тежок пат да ја одржиме нашата идеја и да опстоиме на овие простори. Кога ДПА ќе дојде на власт ви ветувам дека ќе бидеме бесмилосни кон корупцијата, ќе се залагаме за пропорционална распределба на буџетот, соодветна застапеност на Албанците во јавната администрација и вистински ќе го направиме службен албанскиот јазик во сите институции, истакна Тачи.

Тој рече дека ДПА ќе ги претставува Албанците во власта за, како што додаде, да може побрзо да ги остварат ветувањата.

- Јас сум ваш кандидат, а од другата страна се Али Ахмети, Хазби Лика, Џевад Адеми  кои ги фалсификуваат своите дипломи, кои лажат за градење на библиотека и театар, кои трипати ставаат камен темелник за слободната економска зона кај Тетово, а за тоа време градот е во кал. Каде им е законот за борците на ОНА од 2001-та година. Тие се обидоа да направат се да ме уништат, но јас им одолеав бидејќи бев чист како солза. Во 2008-та година рекоа дека ја уништиле ДПА, а гледајте сега колку сме силни. Ние ќе ги претставуваме Албанците во власта за да може побрзо да ги оствариме нашите ветувања кон вас, рече Тачи.

Пред присутните се обратија и носителите на листите за пратеници од ДПА во првата, втората, петтата и американската изборна единица Беким Фазлиу, Орхан Ибраими, Зија Јонузи и Ферки Бектеши, како и претседателката на Форумот на жени на ДПА Мерале Ферати и претседателот на Унијата на млади на ДПА Муамет Рустеми. 

25.04.2014 - 19:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега