Груевски: Во недела да победат Македонија и демократијата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  Никола Груевски денеска ги повика сите граѓани масовно да излезат и да гласаат за  политичката опција во која веруваат и ја поддржуваат, опцијата која веруваат дека ќе донесе најмногу успеси и напредок на Македонија, без притоа, како што рече, да прифаќаат нечиј притисоци, уцени или закани, во случај да ги има.

- Во недела пред сите нас партиите и политичарите, треба да победи Македонија. Треба да победи демократијата. Зад параванот секој е сам и само тој одлучува за кого ќе гласа и кому ќе му ја довери својата доверба и тоа е само негово право и ничие друго и не е обврзан никому да му дава отчет или информација за неговото право. Гласањето е тајно, одлуката ја носи народот, рече Груевски на денешното обраќање до граѓаните.

Додаде дека деновиве до него допреле информации од загрижени граѓани, од кои, како што посочи, дел биле членови на СДСМ, за деструктивното сценарио кое се разгледувало од страна на ледерот на Партијата Зоран Заев и неколкумина негови соработници, за свесно и намерно креирање проблеми во изборниот процес во недела, кои би биле алиби за поголем број поплаки до ДИК, а тоа пак алиби во текот на изборниот ден да издадат наредба нивните претставници да ги напуштат гласачките места.

- Реализацијата на едно вакво сценарио би и направило голема штета на Македонија и на целиот народ, не само на патот на евроатланските и европски интеграции, туку и на економски и секаков друг план. Тоа сценарио може да го посакува само некој кој не и мисли добро на Македонија. Последиците би биле далекусежни. Според толкувањата мотив за ова би била намерата на Зоран Заев да не ги признае изборите, што и се наслутува од денешната негова прес конференција, со цел да остане претседател на СДСМ, истакна Груевски.

Додаде оти за него не е важно и не се меша во тоа дали тој или друг ќе биде претседател на СДСМ, но апелираше, таа битка да не биде на грбот на народот и на грбот на државата.

- Впрочем ВМРО-ДПМНЕ се согласи и ги прифати сите можни барања на СДСМ за промена и прилагодување на изборниот закон со цел да имаме мирни, фер и демократски избори како што заслужува и посакува секој во државата. ВМРО-ДПМНЕ и институциите во државата ќе направат се што е потребно и е согласно закон, да се обезбеди мирен изборен ден, на кој народот слободно и демократски ќе ја изрази својата волја, истакна ледерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој изрази убеденост дека и сите во граѓани во државата ќе допринесат кон тоа, со масовно излегување и искажување на сопствената волја. Недела, рече Груевски, нека биде празник на демократијата, во недела вечер најголемиот победник да биде Македонија и сите граѓани во неа.

25.04.2014 - 17:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега