Ставрески: Владата со силна поддршка за кандидатурата на „Филип Втори“ за домаќин на ЕП 2020

Владата на Република Македонија ја даде поддршката за апликација за кандидатура на спортската Арена во Скопје, за Европското првенство во фудбал во 2020-та година.

Зоран Ставрески денес истакна дека се потпишани сите документи и гаранции кои требаше да се издадат во таа насока.

-Во конкуренција сме со уште 12 други спортски арени ширум Европа. Посакуваме, веруваме дека ќе бидеме успешни и дека ќе добиеме организација на еден ваков голем настан каков што е ЕП во фудбал за 2020-та година, рече Ставрески.

Тој денес ја посети академија „Пандев“, каде членуваат талентирани фудбалери. За Академијата, Владата дава силна поддршка.

 Ставрески истакна дека е голем фан на Горан Пандев, а му беше подарен и дрес од македонскиот фудбалер, од страна на академијата.

Континенталниот шампионат во 2020 година кога УЕФА одбележува 60 години од првото Европско првенство ќе го организираат 13 градови од стариот континент.  Нашиот главен град, Скопје и Националната арена „Филип Втори“ е еден од потенцијалните домаќини на натпревари од групната фаза за ЕП 2020.

Одлуката на Европската фудбалска асоцијација кои 13 градови и стадиони ќе бидат домаќини на ЕП 2020 ќе биде објавена во септември во Истанбул. Во периодот од мај до август годинава можно е УЕФА да ги посети градовите кандидати за да утврди каква е моменталната ситуација во градовите кандидати и кои се плановите за инфраструктурно подобрување.

Фудбалската федерација на Македонија изразува благодарност до Владата на Р.Македонија, град Скопје, надлежните министерства и институции, Националната арена „Филип Втори“ кои дадоа целосна поддршка за проектот – Скопје, град кандидат за ЕУРО 2020.

25.04.2014 - 16:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа